Осум гола на Лазаров против Адемар
Кирил Лазаров постигна осум гола, од кои еден од седмерец, во дербито на 14. коло од шпанската ракометна лига Асобал, во кое Сиудад Реал како домаќин славеше против четвртопласираниот Реале Адемар со 37:31. Поефикасен од најдобриот македонски ракометар беше само неговиот соиграч Хулен Агинагалде, кој даде девет гола во натпреварот со екипата што неодамна го елиминира Пелистер во Купот на ЕХФ.
Лазаров останува најдобар стрелец на Сиудад Реал во првенството со вкупно 69 погодока, пет повеќе од Агинагалде. Капитенот на македонскиот национален тим има процент на реализација од 71 отсто (69/97).
Прв голгетер во досегашниот тек на лигата е левото крило на Барселона, Хуан Гарсија, со 87 гола. Втор е Црногорецот Иван Никчевиќ од Гранолјерс со 84, а трет босанскиот репрезентативец Никола Прце од Сагунто со 74.
Сиудад Реал и понатаму е втор на табелата со два бода помалку од Барса, која во ова коло го совлада дома Логроњес со 35:30 и има максимални 28 поени. (Р.Д.) |