Лош старт на ЕП за Французинките
Светските ракометни вицепрвенки два пати поразени, па им виси пласманот во вториот круг
Ракометарките на Франција, кои минатата година го освоија сребрениот медал на Светскиот шампионат во Кина, се наоѓаат во незавидна положба во однос на пласманот во вториот круг на Европското првенство во Данска и во Норвешка. Откако на стартот во групата Д во Лилехамер беа декласирани од кодомаќинот Норвешка со 33:22, избраничките на селекторот Оливие Крумболц потклекнаа и во второто коло, овој пат со 21:18 против Унгарија, па за пробив во наредната фаза им е неопходна победа во вечерашниот дуел со Словенија.
Норвежанките и Унгарките од оваа група веќе се во главната фаза, но вечерашната меѓусебна пресметка освен за престиж ќе решава и за тоа кој колку бодови ќе пренесе во новата група што ќе се формира со вкрстување на трите најдобри селекции од групите Ц и Д. Таму место си обезбеди Шведска како лидер со две победи во групата Ц во Ларвик. Блиску до вториот круг е Холандија, која во квалификациите беше подобра од Македонија за само еден гол и која на отворањето на првенството ја „прегази“ Украина со 25:13!
Црногорките имаа импресивно деби на еврошампионатите, во кое го изненадија светскиот шампион Русија со 24:22 во рамките на групата Б во Орхус, и тоа откако на полувремето четата на Евгениј Трефилов водеше со 15:10. Хрватките во оваа група беа за класа подобри од Исланд, совладувајќи го со 35:25.
Пораз на стартот доживеа и „сребрената“ Шпанија од претходното ЕП во Македонија. „Фуријата“ изгуби од Романија со 30:26, а другиот кодомаќин Данска во групата А во Олборг ја победи Србија со 25:20.
Норвежанките се убедливо најуспешна нација на досегашните девет европски првенства со четири злата, три сребра и една бронза. Следуваат Данска со три златни медали и два сребрени, па Унгарија со едно злато и две бронзи, Русија со две сребра и една бронза итн.
Денеска на ЕП
Група Ц: Шведска - Холандија (17,45 ч.), Германија - Украина (19,45 ч.).
Група Д: Франција - Словенија (18,15 ч.), Норвешка - Унгарија (20,15 ч.). |