Цела година нема лото

Игрите на среќа се заглавени во изборот на менаџерскиот тим на државната лотарија
Соња Маџовска
Нема ни трга ни глас од државната лотарија. Една година откако Владата реши да си игра лотарија и се нафати да ги организира игрите на среќа, освен изјавите од типот „работите се во тек“ и „секој момент ќе биде назначено раководство на новата компанија што треба да ја спроведе постапката за игрите на среќа“, не се открива ништо друго.
Лотото и бингото како надеж и задоволство на поголем број македонски граѓани ги нема веќе една година. Владата лани ги донесе измените на Законот за игри на среќа и на „Лотарија на Македонија“ и' ја одзеде лиценцата за организирање на овие игри. Министерот за финансии помпезно најави дека ќе има државна лотарија, која досега наголемо требаше да работи.
Но, засега се знае само дека државната лотарија на Македонија е регистрирана како акционерско друштво во стопроцентна сопственост на државата, при што 20 проценти од парите ќе се чуваат во резервен фонд за покривање евентуални загуби.
Од Министерството за финансии велат дека тие не се надлежни за изборот на новото раководство на државната компанија и дека сега се' е во рацете на Владата, како и дека таа треба да го назначи менаџерскиот тим.
Според новиот портпарол на Владата, Шефик Дураки, единствено досега е спроведено назначувањето на петчлениот состав на Надзорниот одбор. „Деновиве може да се очекува да биде распишан конкурс за избор на Управниот одбор на државната лотарија на Македонија“, вели Дураки. Ова значи дека една година и' требаше на Владата да се реши конечно да почне постапка за избор на менаџерски тим, кој потоа треба да ја спроведе процедурата за организирање на игрите на среќа.
Инаку, Министерството за финансии е надлежно за доделување лиценци за игри на среќа. На тоа, всушност, со месеци чека „Лотарија на Македонија“. Во некои објекти на „Лотарија на Македонија“ сега можат да се купат само грепки. Оваа компанија за секој објект имала посебна лиценца, а со нивното истекување, не им се одобруваат нови. Од Министерството за финансии велат дека причина за тоа најверојатно е неисполнување на условите за работа.
Според член 19 од Законот за игри на среќа, за лото и за бинго државата може да издаде три лиценци, додека за лотарија и за инстант-среќки две лиценци на различни приредувачи. Притоа, таа добива 4 отсто од секое продадено бинго или лото-ливче, како и од секоја изгребана инстант-грепка. Законот предвидува државата да може и сама да ги организира сите општи игри на среќа.
„Лотарија на Македонија“ беше најголемиот организатор на игри на среќа. Министерството за финансии, односно Управата за јавни приходи, лани во јули донесе решение со кое „Лотарија“ треба да обезбеди лиценци за приредување на игрите на среќа, а додека не ги добие, привремено да прекине со организирањето на лото, инстант-лотарија и на бинго-игрите. Веднаш потоа „Лотарија“, уште пред истекот на важноста на лиценците, до Министерството за финансии поднесе барање за доделување нови лиценци за наведените игри. Но, на одговор се' уште чека. Директорот на „Лотарија“, Митко Димов, засега не е достапен да проговори за целиот случај.
Покрај тоа што со оваа ситуација во загуба е компанијата, пари губи и државата. Како што е познато, од секое ливче на игри на среќа, 4 проценти одат за буџетот, додека во истата каса влегуваат и 15 отсто од остварената добивка од бинго. Приредувачот на игри на среќа, пак, според Законот, од посебен фонд за награди уплаќа 18 отсто како посебна давачка. |