Кривична пријава за случајот на Калид ел Масри

Пријавата е против непознати сторители поради апсењето на германскиот државјанин во земјава
Заканите на германскиот државјанин со либиско потекло Калид ел Масри дека ќе поведе постапка против Македонија стануваат реалност. Неговиот правен застапник за Македонија, адвокатот Филип Медарски, вчера кривичната пријава за „случајот Ел Масри“ ја испрати до Основното јавно обвинителство во Скопје.
„Во овој момент единствено што можам да кажам е дека следува кривична пријава насочена против непознати сторители. Се' друго е во рацете на нашите државни органи кои ќе треба да поведат истрага за овој случај и доколку кај некого се најде евентуална вина, ќе биде отворена и судска постапка. Сметам дека државата одамна требаше да отвори и формална истрага за овој случај, поради кој трпевме големи критики на меѓународен план“, вели адвокатот Медарски.
Кривичната пријава е поднесена само неколку месеци по посетата на Медарски на Берлин каде што се одржа средба со Европскиот центар за уставни и човекови права од Берлин, Американската асоцијација и унија за граѓански слободи и Отворено општество за правна иницијатива од Њујорк. Овие граѓански организации му даваат поддршка на Калид ел Масри, но и на други жртви на тортура. На средбата било договорено адвокатите на споменатите организации, во името на Ел Масри, да поднесат тужби не само против Македонија, туку и против САД, Германија и Албанија.
По јулската средба во Берлин, адвокатот Медарски рече дека најпрво ќе побара пристап до информациите кои се однесуваат на конкретниот случај, а дури потоа, во договор со неговите колеги, ќе треба да биде донесена одлука што ќе се биде преземено понатаму.
Од обезбедените информации на македонските органи било одговорено дека Ел Масри бил распрашан од инспектори од УБК, наводно поради негова поврзаност со Ал Каеда, а дека тој откако отседнал во еден скопски хотел, заминал за Косово. Масри тврди дека неговото испрашување траело повеќе од три недели и дека на 24 јануари 2004 година им бил предаден на агенти на ЦИА, кои со авион го пренеле во Авганистан, каде што останал цели пет месеци, односно се' додека не било утврдено дека било уапсено погрешно лице. По направената грешка, тој бил префрлен во Албанија, од каде што се вратил во Германија, која, пак, побара испорачување на 13 агенти на ЦИА, а што не беше прифатило за САД. (Љ.С.) |