Убиена ќерката на ексадвокатот на Љубе Бошкоски

Ќерката на познатиот хрватски адвокат Звонимир Ходак била ликвидирана во центарот на Загреб
Ќерката на еден од најпознатите хрватски адвокати Звонимир Ходак, кој му беше застапник и на ексминистерот Љубе Бошкоски, вчера околу 11 часот била брутално ликвидирана пред својот дом во центарот на Загреб. Убиецот ја почекал 26-годишната Ивана пред влезот од зградата, оддалечена само стотина метри од седиштето на загрепската полиција и ја убил со два куршума, најверојатно испукани од пиштол со придушувач, известуваат хрватските медиуми. Тие го поврзуваат ова убиство со апсењето во Виена на хрватскиот пензиониран генерал Владимир Загорец, чиј адвокат е Ходак, кој пред три дена беше екстрадиран во Хрватска. Според шпекулациите, ова е порака од влијателните кругови во Хрватска до Загорец да молчи за военото профитерство за време на крвопролевањето во Хрватска до 1991 до 1995 година, за што е обвинет.
 Звонимир Ходак
„Ми ја убија ќерката пред домот. Погодете кој стои зад ова“, шокирано изјави Звонимир Ходак за „Јутарњи лист“. Очевидци тврдат дека од зградата истрчал маж на возраст од 30 години со сива јакна, но никој не чул пукање. По убиството, полицијата ги блокирала сите излези од Загреб, а градот го надлетувал и хеликоптер, известуваат тамошните медиуми. Повикувајќи се на неофицијални извори, тие тврдат дека на влезот од зградата била поставена видеокамера, која би требала да и' помогне на истрагата. Ивана Ходак била судски вештак за графологија и млада адвокатка, која му помагала на својот татко. Нејзината мајка Љерка Минтас - Ходак, исто така, е адвокатка, но и поранешен висок функционер на партијата ХДЗ.
 Ивана Ходак (лево) со мајка си
Убиството предизвика лавина реакции во Хрватска. Претседателот Стипе Месиќ изјави дека е време за „радикални мерки“, вклучувајќи и оставки, а најавени се и итни средби на највисокиот политички врв во земјата.
Звонимир Ходак (70), кој служел војска во Битола, е еден од најпознатите хрватски адвокати со долгогодишно искуство од предметите во Хашкиот суд за воени злосторства. Тој ги има брането повеќето хрватски генерали, иако медиумите од Загреб забележуваат дека ги бранел и интересите на некои од поголемите криминални имиња во земјата. Ходак му беше адвокат и на ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски, кога тој побегна во Пула, надевајќи се дека ќе се спаси од судењето за случајот „Раштански Лозја“. Но, Бошкоски беше екстрадиран во Хаг за „случајот Љуботен“, каде што беше ослободен, а судењето за „Раштански Лозја“ во Пула е закажано за почетокот на февруари. (Г.А.) |