Број 2805  вторник, 07 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Европа - Балкан

Траги од опсесијата на Ќосиќ

 Иван Торов

Зошто Борис Тадиќ ја врати во јавност старата идеја на „таткото на нацијата“ за територијална поделба

БЕЛГРАД - Поделба на Косово: само една посакувана опција на српската политичка владејачка гарнитура која смета дека преговарачкиот процес се' уште не е завршен, или реалност, која, и покрај поинаквите амбиции на сите „заинтересирани“, едноставно не може да се избегне?

Одговор на оваа не толку нова, но за српската политичка сцена многу табуизирана тема, во изминатите денови не успеа да даде ни претседателот на Србија, Борис Тадиќ, со изјавата дека е „подготвен да размислува и за територијална поделба доколку бидат исцрпени сите други можности“. Иако со дополнителни „објаснувања“ настојуваше донекаде да го релативизира својот став, нарекувајќи го крајно хипотетички, Тадиќ, всушност, оваа тема ја врати во јавноста на голема врата. И, се разбира, предизвика вистински бран на оспорувања и полемики, но и поддршка, пред се', во оние политички и национални кругови на Србија кои српско-албанското разграничување на Косово го препорачуваа од поодамна. Додека првите го сметаат потегот на Тадиќ како „акт на велепредавство зашто Космет е света српска земја која не смее да се распарчува“, другите се понаклонети на идејата дека територијалната поделба практично ја верификува сегашната состојба и би била решение кое им нуди излез и на Европа, и на САД, но и на Белград.

Во тие први реакции на „бомбата“ на Тадиќ, се разбира, не изостанаа потсетувањата на првобитниот творец на идејата за поделба, писателот и „таткото на нацијата“ Добрица Ќосиќ, кој уште во 1994 година во италијанското списание „Лимес“ својот предлог за територијално разделување на косовските Срби и Албанци го образложи со зборовите: „За да опстанеме, принудени сме да се откажеме од делови за да ја спасиме својата национална главнина“. Со време, идејата на Ќосиќ падна во заборав се' додека кон крајот на 2002 година не ја активира српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ, само неколку месеци пред да стане жртва на атентатот. Затоа, залагањето на Тадиќ се смета за своевидно продолжение на идејата на Ќосиќ, но и тест на подготвеноста на меѓународната заедница да влезе во еден ваков, без сомнение, ризичен потфат.

Во реагирањата на „хипотетичката поделба“ на Тадиќ посебно внимание привлекува прашањето - зошто шефот на српската држава излезе во јавноста со овој контроверзен став токму сега, кога Србија води „решавачка“ дипломатска кампања преку Генералното собрание на ОН и Меѓународниот суд на правдата во Хаг на секаков начин да го сопре натамошниот процес на меѓународно признавање на косовската независност. Не е ли тој чекор своевидно (само)обезвреднување на сопствената иницијатива, односно подготвување терен за т.н. излезна стратегија доколку барањето на Белград Хашкиот суд да ја процени правната исправност на „едностраното прогласување“ на косовската независност не добие зелено светло можеби веќе утре (8 октомври) при гласањето во ГС на ОН, или - ако помине ова скалило - подоцна во самиот суд на правдата. Со други зборови, потег кој повеќе е наменет за внатрешните потреби, дотолку повеќе што ни во Белград не веруваат дека и најповолниот судски (советодавен) исход за српската страна би променил нешто околу статусот на Косово. Но, и сигналот дека српскиот државен и политички врв, всушност, нема јасна перцепција како - ако го добие, по некакво чудо Косово назад - би владеел со него, па затоа постојано се враќа на митовите и заблудите од арсеналот на Добрица Ќосиќ. Што, пак, сугерира заклучок дека српските официјални лица се премногу свесни за можноста нивната иницијатива да добие крах. Сето тоа, всушност, ја обновува старата дилема дали, по „излетот“ на Тадиќ, Србија избрзано го промени ставот, односно дали воопшто имало некаков цврст став. Дотолку повеќе што од самиот почеток беше јасно дека опцијата за поделба меѓу косовските Албанци и водечките земји на Запад не е добредојдена (барем официјално), иако не се исклучува целосно ако се покаже дека двете конфронтирани страни се подготвени излез од можната долгорочна состојба на „замрзнат конфликт“ да побараат во официјализирање на сегашната фактичка поделба.

Сепак, посериозно од случајните нагаѓања што сакаше со ова да постигне Тадиќ дејствуваат предупредувањата дека евентуалната поделба на Косово би го дестабилизирала целиот регион, бидејќи практично би довела до уште една реализација на фамозните опсесии на Ќосиќ за „хумано преселување“ на народите. Дури и под „нереална“ претпоставка Приштина да ја прифати поделбата, таа не би можела да се изведе без размена на територии и преселување на преостанатите Срби од изолираните енклави. Уште во 1992 година Албанците од југот на Србија се изјаснија на референдум за присоединување кон Косово доколку тоа добие независност, а извесно е дека албанските лидери во Приштина би се откажале од северот на Косово доколку границите на нивната држава би се прошириле на подрачјето на Бујановац, Медвеѓа и Прешево. Со ова, всушност, би се активирала нова лавина на слични барања и аспирации и на другите национално измешани и конфронтирани подрачја на Балканот. Поделбата на Косово би им дала силен импулс на албанските лидери во Македонија, па и во Грција, а би го засилила и стремежот на српската национална елита губењето на Косово да го надополни со растурање на дејтонска Босна и Херцеговина, односно со присоединување на Република Српска со „матицата“ Србија.

Меѓу непристрасните аналитичари нема дилема дека секое натамошно територијално и национално парцелизирање на трусното балканско подрачје неминовно би водело до ново распламтување на националистичките страсти и меѓуетничките конфронтации, кои би можеле да бидат и вооружени во мерката во која меѓународната заедница (не)подготвена да го држи сето тоа на узда, да го контролира и насочува. А во текот на деведесеттите години и подоцна се покажа дека таа и не е претерано снаодлива со превентивно и брзо реагирање.


Статијата е прочитана 918 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Претходен број
Болно сеќавање и продолжување на делото на Тоше Проески
Зденко
Индексот на Македонската берза најнизок годинава
Политички патриоти во мантии
За Тоше без политика
Димитров замина за Њујорк со гаранции од НАТО
Убиена ќерката на познатиот хрватски адвокат Звонимир Ходак
Кривична пријава за случајот на Калид ел Масри
Цела година нема лото
Финансиската криза се шири низ Европа
Владата и федерацијата во Полска се договорија
Нобелова награда за откритието на ХИВ
Стварно е идиот!
Вербатим
Безброј меморандуми за „Бунарџик“, каде се фабриките?