Нобелова награда за откритието на ХИВ

Францускиот тим Франсоа Баре-Синуси и Лук Монтање се наградени за нивната пионерска работа
Научниците кои го открија вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ) ќе ја поделат Нобеловата награда за медицина со експертот кој го поврза хуман папилома вирус (ХПВ) со ракот на грлото на матката.
Францускиот тим Франсоа Баре-Синуси и Лук Монтање се наградени за нивната пионерска работа во откривањето на вирусот што предизвикува сида. Харалд Цур Хаузен од Германија ја доби наградата за поврзувањето меѓу ХПВ и ракот на грлото на матката.
Повеќе од 25 милиони луѓе починаа од ХИВ/сида од 1981 година. Глобално, над 33 милиони луѓе живеат со ХИВ.
По медицинските извештаи за нов синдром на имунодефициенција во 1981 година, професорот Баре-Синуси од Пастеровиот институтот, и доктор Монтање, директор на Светската фондација за истражување и спречување сида, први го идентификуваа ХИВ како причинител.
Комитетот за Нобелова награда соопшти дека откритието е од витално значење, бидејќи им овозможува на научниците подобро да ја разберат биологијата на вирусот, кој и натаму претставува огромна закана за јавното здравство низ целиот свет. Нивната работа доведе до развој на методи за дијагностицирање на заразени пациенти и испитување крвни продукти, што го ограничи ширењето на пандемијата. Исто така, тоа доведе до нови начини на лекување.
За ХИВ се' уште нема лек. Сепак, за многумина оваа болест веќе не е непосредна смртна казна, благодарение на големите напредувања во истражувањата и развојот на лекови во последниве години. Со лекување, луѓето кои имаат ХИВ можат со децении да живеат со таа состојба. Сепак, лековите за ХИВ не се широкодостапни во многу сиромашни земји во светот.
Во соопштението на Комитетот се наведува: „Никогаш порано науката и медицината не биле толку брзи во откривањето, идентификацијата на потеклото и обезбедувањето третман за нов ентитет на болест. „Успешната антиретровирална терапија резултира со животен век за лицата кои имаат инфекција со ХИВ, што сега достигнува слично ниво на нивото на незаразени луѓе.
Ник Партриџ од добротворната организација за ХИВ „Херенс Хигинс Траст“ рече: „Франсоа Баре-Синуси и Лук Монтање се заслужни добитници на Нобеловата награда за медиц��на. Нивната работа беше мошне значајна и доведе до огромен напредок во сфаќањето и лекувањето на ХИВ“.
И д-р Монтање и американскиот истражувач Ричард Гало се заслужни за откритието дека ХИВ предизвикува сида, иако неколку години тие се осврнуваа на ривалските тврдења што доведоа до правен, па дури и дипломатски спор меѓу Франција и Америка. Комитетот за Нобелова награда не го спомна Гало во соопштението.
Професорот Цур Хаусен од Универзитетот во Диселдорф беше поздравен од Нобеловиот комитет за работењето „против сегашната догма“ и откритието дека инфекцијата ХПВ предизвикува рак на грлото на матката. ХПВ може да се открие кај 99,7 отсто од сите жени со рак на грлото на матката, а постојана инфекција со вирусот се проценува дека е одговорна за повеќе од пет отсто од сите случаи на рак во светот.
Работата на професорот Цур Хаусен им помогна на други научници да развијат вакцина против ХПВ, која сега рутински им се дава на милиони девојчиња-тинејџерки во многу земји, за да се спречи рак на грлото на матката. Професорот Цур Хаусен (72) ќе добие половина од наградата, а професорот Баре-Синуси (61) и доктор Монтање (76) ќе ја поделат другата половина. (Би-Би-Си) |