Димитров замина за Њујорк со гаранции од НАТО

Алијансата потврди дека Македонија е нејзиниот иден сојузник
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
БРИСЕЛ - Преговарачот за името, Никола Димитров, вчера од Брисел замина за Њујорк на средба со медијаторот Метју Нимиц откако пред високи претставници на Алијансата ја бранеше Годишната акциона програма за членство, која треба да осигура дека останува позитивната оцена од Самитот во Букурешт и дека поканата за прием на Македонија не е спорна.
„Се потврди дека нема основа дилемата дека одредени проблеми го доведуваат под прашање заклучокот од Букурешт на НАТО. За такво нешто не станува збор“, изјави Димитров по средбата која, според него, главно била охрабрувачка, бидејќи пораката била дека Македонија е нивни иден сојузник и веднаш штом ќе се надмине спорот, не' чекаат на истата маса.
Притоа, претставниците на земјите-членки оцениле дека е добро тоа што продолжуваат реформите во земјата и што постои подготвеност да се зборува отворено за слабостите, пред се', во однос на инцидентите за време на изборите. Тие побарале да се прифатат препораките на ОБСЕ и да се имплементираат, на што од македонска страна биле информирани за бројот на поединците што се гонат и на колкумина од нив им се изречени судски казни, како и тоа дека е веќе усвоен акционен план со кој ќе се одговори на барањата на ОБСЕ.
Околу неофицијалните критики дека Владата го намалува драстично буџетот за одбраната, што сугерираше дека можеби се откажува од интеграцијата во НАТО или од учество во мисиите, Димитров тврдел дека не е така и дека политичките определби на Македонија во однос на НАТО остануваат, а проблем е само слабоста во трошењето на буџетот за оваа намена. Претставниците на земјите-членки позитивно ја оцениле имплементацијата на Рамковниот договор, иако препорачале да се продолжи со подобрување на правичната застапеност, го поздравиле донесувањето на Законот за јазиците, како и резултатите во борбата против корупцијата и трговијата со луѓе.
Од страна на грчкиот претставник било иницирано прашањето за името, но со оглед на тоа дека НАТО не е место каде што се решава тоа, а Атина си обезбеди позиција каква што сакаше уште во Букурешт, темата била отворена само информативно, во смисла на тоа што се случува со преговорите моментно. На состанокот никој од присутните не го отворил прашањето околу признавањето на Косово, но била пофалена демаркацијата на границата и фактот дека се одвива без какви било тензии или проблеми.
Бојкотот на парламентот и нарушената политичка клима, кои се во фокусот на критиките на ЕУ, според тврдењата од македонската делегација, биле само споменати од поединечни претставници, но изгубиле на тежина како теми поради лидерската средба во Скопје која се одвиваше паралелно со презентацијата во Брисел и која демонстрираше какво-такво единство и подготвеност за преговарање во ОН.
Првата рунда преговори во Њујорк е закажана за денес по 18 часот, а прогнозите се дека преговарачот Метју Нимиц најверојатно ќе излезе со предлог. Затоа од презентацијата Димитров си замина со пораката „среќно“, што не е само на негова туку и на НАТО-адреса, бидејќи ваквата преседан-ситуација со поканата за Македонија го урива и кредибилитетот на Алијансата. |