Ракометарките достоинствено се простија од СП

Победа над Шпанија од 24:21 во реваншот од баражот за мундијалот во Бразил
Роберт Димитриевски
Женската ракометна репрезентација на Македонија нема да игра на Светското првенство во Бразил, но чесно се збогува со шампионатот што ќе се одржи во декември годинава. Избраничките на селекторот Гино Стрезовски ја совладаа Шпанија со 24:21 во реваншот, со што до некаде се рехабилитираа за понижувачкиот пораз од 37:22 во првиот натпревар од баражот во Елче.
„Штета за огромната разлика во првата средба, бидејќи во втората одигравме многу подобро, посебно во одбраната. Шпанија заслужено оди на СП, а нам ни преостанува да се мобилизираме за есенскиот почеток на квалификациите за Европското првенство во Холандија, каде што ќе имаме многу поголеми шанси во конкуренција на Франција, на Турција и на Литванија“, вели Стрезовски.
Освојувачот на сребрениот медал на ЕП 2008 во Македонија и возвратниот дуел го почна фуриозно и веќе во 19 минута на семафорот во СРЦ „Кале“ стоеше 5:1 за гостинските ракометарки. Шпанскиот селектор Хорхе Дуењас уште малку ја остави на теренот првата седморка и од моментот кога почна постепено да ја повлекува Македонките почнаа резултатски да се доближуваат. Првиот сигнал дека ќе фатат приклучок беше намалувањето на 5:7 во средината на првото полувреме, за во неговиот финиш прво да израмнат преку Даниела Новеска од контранапад во 26 мин., а потоа и да поведат со 11:10 преку Марија Папуџиева.
Изненадувачки, но токму со лесни голови од противнапади Македонија му парираше на противникот чиј што заштитен знак е брзината. Но, осцилациите во играта испливаа на површина во средината на вториот дел, кога по водството од 17:14 преку Елена Ѓорѓиевска во 44 мин. дозволивме „црвената фурија“ девет минути подоцна да поведе со 20:18. Сепак, завршницата и' припадна на Македонија, која до крајот даде шест гола, а прими само еден и со цепелинот од Ѓорѓиевска за Мирјета Бајрамовска на најубав можен начин ја завери утешната победа.
Ѓорѓиевска и Билјана Црвенкоска со по шест гола беа најефикасни во македонскиот тим, но играч на натпреварот беше голманката Тања Андреева, која одбрани три седмерца и запре на вкупно 11 одбранети удари.
Македонија - ШпаниЈа 24:21
Полувреме: 11:11. Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 1.000. Судии: Шалер и Вуцлер од Германија. Седмерци: Македонија 3/5, Шпанија 5/9. Исклучувања: Македонија 8 мин., Шпанија 6 мин. Загубени топки: Македонија 15, Шпанија 21.
МакедониЈа: Андреева (8+3), Треноска, Мечевска 1 (1/1), Петковска, Младеновска 1 (1/1), Д. Ѓорѓиевска (0/2), Бајрамовска 4 (4/10), Црвенкоска 6 (3/5, 3/5), Пецевска 2 (2/4), Е. Ѓорѓиевска 6 (6/11), Новеска 1 (1/3), Папуџиева 3 (3/5), Грозданоска, Ацковска, Илкова, Митрова. Селектор: Гино Стрезовски.
ШпаниЈа: Гонзалез (9+2), Наваро, Мартин 6 (3/5, 3/5), Алберто 1 (1/4), Беа. Фернандез (0/1), Квадрадо 3 (1/2, 2/3), Агилар 3 (3/4), Бензал, Е. Пинедо 4 (4/5), Бег. Фернандез 1 (1/2), Аморос, Пена 2 (2/2, 0/1), П. Пинедо, Елорза 1 (1/1). Селектор: Хорхе Дуењас.
МУНДИЈАЛОТ БЕЗ УНГАРКИТЕ
Унгарија, светски шампион од 1965 година, освојувач на десет медали на мундијалите и редовен учесник на големите натпреварувања, нема да игра на СП во Бразил. Откако изгубија во првиот натпревар од баражот во Германија со 26:24, Унгарките беа поразени и во реваншот во Ѓер со 27:22.
Покрај Германија и Шпанија, баражот успешно го поминаа и Црна Гора против Чешка (33:26 во реваншот, 42:26 во првиот меч), Холандија против Турција (38:34, 40:28) и Хрватска против Србија (30:31, 36:25).
Унгарија ја победи Естонија, Македонија на ЕП!
Машката ракометна репрезентација на Македонија и официјално се пласира на Европското првенство што во јануари в година ќе се одржи во Србија. По победата на Унгарија над Естонија од 34:27 (на полувреме беше 17:19!) вчера напладне во Ѓенѓеш, синоќешниот дуел меѓу Македонија и Босна и Херцеговина во Скопје беше само формалност. Најдобрите македонски ракометари останаа на второто место и заедно со Унгарците изборија виза за ЕП од првата квалификациска група.
Уште пред расплетот минатиов викенд, за еврошампионатот се квалификуваа и Хрватска и Шпанија од втората група, Шведска и Словачка од четвртата, Германија од петтата, Норвешка од шестата и Данска и Русија од седмата. Домаќинот Србија и бранителот на титулата Франција се автоматски учесници.
Ждрепката на групите од Европското првенство ќе се изврши в среда од 12 ч. во Белград. Шампионатот, пак, ќе се одржи од 15 до 29 јануари во Нови Сад, во Вршац, во Ниш и во Белград. (Р.Д.) |