12.06.2011, 17:58 Тоне ли Филхармонијата?

Се шпекулира дека градбата има сериозен проблем, со стабилноста на земјиштето, тоа слегнува
Билјана Ангеловска
Што се случува со новиот објект на Филхармонијата и зошто изградбата доцни толку многу? Дали на главниот изведувач, австриската фирма „Алпине бау“, главоболки и' прават „непослушни“ подизведувачи, чии работници одбиваат да работат без пари или проблемот е некаде многу подлабоко, во самото земјиште што пропаѓа под тежината на габаритниот објект?
Иако е еден од првите објекти од проектот „Скопје 2014“, кои почнаа да се градат, (неговата изградба стартуваше во јуни 2009 година), се чини остана најназад од сите останати. Го претрка дури и објектот на МНР, кој почна да се гради дури многу подоцна. Факт е дека „Алпине бау“ имаше проблеми со некои од своите подизведувачи, се говореше и дека се соочува со многу непланирани проблеми за чие надминување е потребно дополнително време. Последно што неофицијално се слуша низ скопската чаршија е дека градбата има сериозен проблем со стабилноста на земјиштето и дека доаѓа до слегнување поради што се доведува во прашање и статиката на самиот објект.
Проект-менаџерот на „Алпине бау“, Стевче Ристевски, сиве овие информации категорично ги отфрла како чиста шпекулација. Доцнењето со изградбата го оправдува со големите габаритни димензии, но, пред се', со специфичноста на објектот што се изведува. Како што вели, спроведена е дополнителна ревизија на акустиката на објектот, по што морало да се прават измени на изведбениот проект, според кои, се направени мали, но многу битни корекции на самата конструкција, како што се, на пример, зголемување на дебелината на плочите за неколку сантиметри. Ревизорот што бил донесен од Германија, инсистирал на зголемување на масата на бетонот, но, како што тврди Ристевски, не поради поголема статичка безбедност, туку исклучиво од акустичен аспект. Сето тоа, според него, ја забавило изведбата, бидејќи морало да се работи нова статика за објектот.
„Апсолутно не е точно дека има какви било проблеми со статиката на објектот. Тоа се чисти инсинуации. Категорично тврдам дека нема поместувања на конструкцијата ни половина милиметар. Темелната плоча е дебела еден метар, во неа се вградени 4.200 кубни метри бетон и 460 тони арматура, што претставува огромна количина во споредба со една нормална зграда каде што се вградуваат просечно по 2.000 до 3.000 кубици бетон. Само арматурата што е овде вградена е колку што би се потрошила за седум згради, што е сосем нормално бидејќи се работи за објект со голем габарит од 4.000 квадратни метри“, објаснува Ристевски.
Согласно со договорот, „Алпине“ требаше да ја изгради карабината на Филхармонијата за две години, до крајот на јули оваа година. Но, поради честото репроектирање, тоа е пролонгирано, па Ристевски тврди дека работата ќе биде завршена до крајот на годинава. Објектот ќе биде затворен со две челични конструкции, една внатрешна лушпа над салите и една надворешна, која е веќе подготвена и се наоѓа во погонот на фирмата, но чека прво да се постави внатрешната. Потоа ќе следува изработката на фасадата и на покривната конструкција, за што допрва ќе се распишуваат тендери.
„Доцнењето во изградбата е оправдано од аспект на тоа дека проектите се добиени по 1,5 години. Речиси три месеци работевме само на заштита на околните објекти оти Филхармонијата има подземен подрум на две нивоа, па е за 4,5 метри подлабоко од другите објекти. Сето тоа придонесе да се пролонгира работата“, вели Ристевски.
Тој објаснува дека за „Алпине бау“ работат повеќе подизведувачи што се вклучуваат на одредени позиции во изградбата. Секој од нив има лиценца за она што го работи, така што моментално на објектот се ангажрани 60-ина работници.
|