Нема веќе на Јадран со воз

Српските железници ја укинаа линијата Ниш - Бар - Ниш, која со децении функционираше во летниот период
Македонските туристи летово нема да патуваат со воз кон летувалиштата на Јадранот. Српските железници ја укинаа линијата на релација Ниш - Бар - Ниш, која традиционално со децении функционираше во летниот период. Откако пред неколку месеци и грчките железници ја укинаа директната линија кон Солун, на мак��донските туристи им остана единствено можноста со воз преку линијата Скопје - Ниш - Бургас да патуваат кон бугарското приморје.
Брзиот воз на релација Скопје - Ниш - Бар - Скопје, според возниот ред на „Македонски железници“ за годинава, требаше секојдневно да поаѓа од Скопје во 14,52 часот со кушет и спални вагони за Сутоморе и за Бар и патнички вагони за Ниш. Брзиот воз од Бар кон Скопје требаше секојдневно да поаѓа во 18 часот. Во редовен сообраќај останува кушет-вагонот за Бургас, кој ќе поаѓа еднаш неделно од Скопје и од Бургас. Со укинувањето на возовите кон Солун, укинат е и туристичкиот воз „Меридијан експрес“, кој во летните месеци сообраќаше директно преку Скопје до Прага, Будимпешта, Братислава, Киев и Москва. Моментално сообраќаат единствено возови кон Белград и кон Приштина.
Бројот на граѓани што патуваат со воз кон странски дестинации континуирано опаѓа во последните години. Податоците на Државниот завод за статистика се исклучително негативни кога станува збор за бројот на патници во меѓународниот железнички сообраќај.
Во првите три месеци на 2011 година се превезени само 3.000 патници на меѓународните релации, што претставува намалување за 25 отсто во однос на првото тримесечје од 2010 година.
Укинувањето на меѓународните возови кон Бар, Будимпешта, Прага, Братислава, Киев, Москва и кон Солун ќе го намали и така незначителниот број патници што го користат возот за патување кон странство. (Ек.Р.) |