Живеењето во еколошки стан го штеди буџетот

Во еколошките станови сметките за електрична енергија месечно можат да седвижат и до 40 проценти под просечните сметки
Сања Наумовска
Геотермален систем на греење и ладење, сончеви колектори, фасадни изолации, кои максимално ја штедат енергијата. Модерните еколошки технологии вградени во станови, кои го штедат семејниот буџет со рационално користење на енергиј��та, се дел од најновата понуда за македонските купувачи. Употребата на енергетски ефикасни технологии во објектите за колективно домување полека, но сигурно се пробиваат и на домашниот станбен пазар. Во огромната понуда на станови и мноштвото на нови инвеститори, купувачите се' повеќе се во потрага по квалитет. Цените, пак, на новите еколошки, штедливи станови, не се разликуваат многу од која било друга слична инвестиција.
Искористувањето на топлината на земјата за загревање на просторот и сончевата енергија за затоплување на санитарната вода на сопствениците им овозможуваат поголем комфор во сопствениот дом, велат изведувачите на првите две нискоенергетски станбени згради во Скопје, „Венс инженеринг“. Вградувањето на новите технологии, кои подразбираат искористување на алтернативни видови енергија, од земјата, сонцето, ветерот, е тренд во Западна Европа и во САД, кој многу често е субвенциониран од државите.
„Кај нас е поинаку, конкретна помош од државата нема, а целокупната технологија што ја вградуваме ја набавуваме сами“, вели Милош Константинов од „Венс инженеринг“, и нагласува дека, сепак, нашите граѓани бараат, препознаваат и заслужуваат да добијат повисок квалитет од она што моментално се нуди во градежништвото.
Разликата во нискоенергетските е во големата заштеда на енергија, а со тоа и на финансиски средства. Сметките за електрична енергија месечно можат да се движат и до 40 проценти под просечните сметки. Затоплувањето и ладењето се рамномерни во целиот станбен простор, температурата не се менува, без разлика на надворешната температура.
„Геотермалниот систем на греење и ладење е целосно независен од градското централно греење и ја користи топлината на земјата. Поставен е во дворот на зградата и е поврзан со електричен котел преку кој во зима се постигнува температура од 40 Целзиусови степени. Во становите, кои се загреваат со подно греење, постојано е 25 степени“, објаснува Константинов. Соларните панели на покривот на зградата обезбедуваат топла санитарна вода во бањите повеќе од 9 месеци во годината. Фасадата е со дебелина од 10 сантиметри, двојно поголема од стандардот што моментално важи во Македонија. Со неа, објаснува Константинов, покрај подобра термичка изолација, се обезбедува и поголема заштита од бучавата. Во изградбата се користени препораките на австриската компанија „Кнауф“, која ги подготви пресметките за големината на изолацискиот слој на фасадите и употребата на другите технологии, согласно со потребите на нашето поднебје, со цел да се постигне вистинскиот топлински ефект. Нискоенергетските згради на „Венс инженеринг“ вградуваат прозорски системи со три стакла, од кои надворешното стакло е термичко, со што се обезбедува максимална заштеда на енергија.
„Пазарот на еколошки технологии секојдневно оди напред. Постојат уште многу новини што би можеле да ги внесеме, но, сепак, нивната цена засега е превисока. Употребата би значела изградба на многу скап станбен простор што ги надминува финансиските можности на нашите купувачи“, заклучува Константинов. (С.Н.) |