Кошарка
Далас првак на НБА првпат во историјата

13.06.2011, 14:23
Кошаркарите на Далас го совладаа Мајами во гости со 105:95 во шестиот меч од финалната серија во НБА-лигата и стигнаа до првиот наслов од основањето во 1980 година.
Маверикси на самиот крај на мечот не можеа да поверуваат дека се навистина прваци. Играчите се држеа за глава неверувајќи дека тоа е тоа, а Дирк Новицки побегна во соблекувалната. За Германецот ова е прв шампионски прстен во неговата тринаесетгодишна НБА-кариера откако претходно играше во уште едно финале, исто така против Мајами во 2006 година. На крајот генијалниот Дирк може да биде презадоволен, затоа што беше прогласен за МВП на ова финале.
"Не можам да верувам. Долго и напорно работевме за овој момент", кратко изјави по мечот, единствен кошаркар заедно со Џејсон Тери преку кои Мајами славеше во финалето од 2006. Освен Новицки, до прв прстен во кариерата стигна и Џејсон Кид, еден од најдобрите плејмејкери на сите времиња, како и Џејсон Тери.
Солзите на лицата на кошаркарите на Мајами ги задоволија навивачите на Далас кои од 2006 година чекаа одмазда против Хит, и ја дочекаа на најдоброто место, во Мајами. Во таа 2006 година тимот од Флорида стигна до титулата по почетните 0:2 остварувајќи четири победи во низа.
За тимот предводен од ветерани ретко кој беше подготвен пред почетокот на сезоната да потпише ваков расплет. Многу повеќе беа оние кои ја "прстенуваа" големата тројка од Мајами, но Двејн Вејд, кој го "закопа" Далас пред пет години, Леброн Џејмс и Крис Бош не успеаја да ја одработат мисијата до крај, па еден од најголемите фаворити за конечната награда и натаму ќе мора да ја чека својата шанса.
Рик Карсли, тренерот на Далас, успеа да влезе во кругот на одбраните кои титулите ги славеле и како играчи и како тренери. Саму уште десетмина се на тој список.
"Ова е вистински тим. Возрасни сме, не можеме брзо да трчаме, ниту високо да скокаме, но овие момчиња знаат да си го чуваат грбот еден на друг. Игравме на вистински начин, верувавме едни на други кога ја додававме топката. Но, она што сакам посебно да го потенцирам е дека по оваа серија нема сомнеж дека Дирк Новицки е еден од најдобрите кошаркари на сите времиња", изјави Карсли.
"Тој е еден од најдобрите на сите времиња. Таков беше кога игравме против него и во 2006 година. Играта му беше во нагорна линија и кога наполни 30 години и тоа е она што фасцинира. Може да им биде пример на многу НБА-играчи. Тој е еден од таквите кои е невозможно да ги чуваш затоа што е исклучително вешт, има сјаен шут и висина", го пофали крилниот центар на Далас и тренерот на Мајами, Ерик Споелстра.
Дирк Новицки со брзи чекори го напушти паркетот во "Америкен ејрланс арена". Во тунелот кон соблекувалната побегна на 1,2 секунди пред крајот. Камерите на АБЦ го фатија моментот на емотивниот слом на Германецот. Најдобриот играч на финалната серија во тие посебни моменти сакаше да биде сам.
"Морав тој момент да го задржам само за себе. Се расплакав. Тоа беше многу емотивна ситуација. Дури не сакав да се вратам и да го кренам трофејот, но на тоа ме наговорија соиграчите", и' призна Новицки на репортерката на ЕСПН, Хана Сторм, по завршувањето на церемонијата.
|