Измамените лозари повторно на протести
Откупните цени на грозјето и натаму горчливи за лозарите
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ – „Винарските визби повторно не' излажаа. Цените не се истакнати и по два дена од договореното. Многу брзо ќе ги активираме протестите и ќе настапиме порадикално“. Ова е коментарот на „Агротиквешија“, откако визбите не ја коригираа цената за винското грозје „кратошија“ како што беше договорено на состанокот во Скопје.
Лозарите секојдневно шетаат од визба до визба, од пункт до пункт, со надеж дека некаде ќе добијат повисока цена за својот род. Велат, тоа е попусто, бидејќи сите откупувачи се здружиле во уништувањето и во деградирањето на винската сорта „вранец-кратошија“.
Винарската визба „Повардарие“ од Неготино единствено излезе со официјален коментар за хаосот што владее со откупот на најзастапената винска сорта. Велат дека лозарите погрешиле на последните преговори со винарите кога прифатиле да се плаќа по шеќерни единици како лани, а годинава шеќерноста е значително помала.
„Поради честите врнежи шеќерноста е намалена. ’Вранецот‘ има просечна шеќерност од 18,5 до 19 единици, што во пари е шест или максимум осум денари за килограм“, велат од „Повардарие“. Притоа објаснуваат дека за да им излезат во пресрет на лозарите откупувале „вранец-кратошија“ со 16 или 17 шеќерни единици. Од неготинската визба се согласуваат дека цената за оваа сорта е исклучително ниска.
Низ Тиквешкиот регион се слушаат најразлични калкулации за приносот кај „вранецот“ од хектар и колку реално треба да чини „кратошијата“. Оние кои ги бранат визбите велат дека лозарите го форсираат приносот, а го занемаруваат квалитетот. Тие сметаат дека е недозволиво лозар да бере 15 тони „вранец“ од хектар, бидејќи тоа е неквалитетно грозје со ниска шеќерност. Според нив, најквалитетен „вранец“ се добивал само со ограничен принос, осум тони од хектар.
Долгогодишни лозарски стручњаци тврдат дека со примена на сите агротехнички мерки „вранецот“ може да има исклучителен квалитет и принос од 25 тони по хектар. Овие луѓе, кои сакаат да останат анонимни, тврдат дека визбите, играјќи на оваа карта, сакаат да ја деградираат сортата „вранец-кратошија“. Причина за тоа е што пред две години визбите ја покачија основната скала на шеќерност и наместо 18 шеќерни единици примаат „вранец-кратошија“ со најмалку 20 единици шеќер.
„Се бара 24 и 25 шеќерни единици за ’кратошијата’. Со тоа винарските визби, особено ’Тиквеш‘ сака да промовира висококвалитетна сорта. За евтини пари обезбедуваат суровина за најскапи вина, а ’вранецот‘ да го направат ’мерло‘ или ’к��берне совињон‘, сорти кои лани се откупуваа по цена и од 21 денар за килограм“, велат лозарски експерти. Тие тврдат дека ова било смислен трик на винарските визби за да удрат по најперспективната сорта, како што тоа беше случај пред неколку години со „смедеревката“. (А.Д.) |