Пропадна проектот „Менхетен“ во Аеродром
На повидок не е ниту реализација на идентичниот проект во Центар спроти „Холидеј ин“
Деспина Трајковска
Ниту во Аеродром ниту во Центар не е на повидок реализацијата на футуристичките проекти за изградба на комплекс од повеќенаменски висококатници како познатиот Менхетен во Њујорк. Државата го понуди на продажба наменскиот плац во Аеродром, зад бензинската на „Макоил“, но на меѓународниот повик не се јавила ниту една компанија која ќе ја купи парцелата и ќе ги изгради планираните три 125-катници. Од Министерството за транспорт и врски информираат дека ја откажале закажаната лицитација, бидејќи до крајниот рок за достава на понудите не се пријавила ниту една компанија.
Предметниот плац се простира на површина од 21.247 квадратни метри со површина за градење од 10.000 квадрати. Квадрат земја требаше да се продава по почетна цена од 7.000 денари, а државата предвидуваше дека од продажбата ќе инкасира минимум 2,5 милиони евра.
Со пропаѓањето на тендерот, практично, на хартија останува футуристичкиот проект за чија реализација надлежните, сепак, не губат надеж. Планираат наскоро по втор пат да објават продажба на парцелата, а дали под истите критериуми, ќе одлучат допрва. По распишувањето на првата објава од Министерството напоменаа дека заинтересираниот инвеститор ќе треба да понуди изградба на најмалку 25 ката, а максимумот со ДУП е 125 ката. Надлежните потенцираа дека кој од заинтересираните ќе понуди поголема катност, тој ќе има и најголеми шанси да го купи земјиштето.
Во воздух виси и речиси идентичниот проект планиран на подрачјето на Општина Центар, спроти „Холидеј ин“. Тоа беше владина идеја промовирана пред повеќе од две години. Од Владата тогаш напоменаа дека планираат изградба на комплекс висококатници кој ќе содржи станови за домување, деловни простории, катни гаражи, конгресни и спортски сали, угостителски објекти, галерии... Во нив би инвестирала странска компанија, а предност би се дало на искусни компании кои веќе изградиле слични комплекси во САД или во Јапонија.
Сепак, и по толку време ништо не е преземено за реализација на амбициозниот проект. Земјиштето се' уште не е дадено на продажба. Од ресорното министерство вчера објаснија дека се' уште трае расчистувањето на имотноправните односи на парцелата за плацот „чист“ да се понуди на продажба во меѓународни рамки. „За парцелата се водат постапки за денационализација, а дел е во приватна сопственост. По завршувањето на постапките, Министерството ќе може да распише јавна објава за отуѓување на земјиштето“, посочија вчера од Министерството за транс��орт. Според урбанистичкиот план, кој Општина Центар го донесе како приоритетен на листата планови за потребите на Владата, површината за градба на солитерите изнесува 25.555 квадратни метри со максимална дозволена катност до 300 метри, односно до 98 ката. |