Од ЕУ е можна препорака, а датумот зависи од нас
Дипломатската порака е дека треба сами да си ги утврдиме приоритетите
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - Еврокомесарот Оли Рен не сака да ги коментира заканите на грчката шефица на дипломатијата, Дора Бакојани, за ново вето за преговорите за Македонија, порачувајќи дека е најдобро „да се навратиме на ова прашање за неколку недели“. Во Европската комисија, сепак, се создава атмосфера за препорака за Македонија, но како што се доближува извештајот на ЕУ, таа станува споредна, бидејќи прашањето сега е каква корист од неа ако датумот остане отворен додека не се реши спорот со името на Македонија. Од повеќе извори во Брисел неделава пораката е дека работа на ЕК е да каже дека сме ги исполниле условите, односно сме ги исполниле деветте услови, а датумот веќе не е во нивни раце и ќе треба сами да си го одработиме. Поедноставно кажано, сите информации водат кон тоа дека во ЕУ ќе ни се случи сценариото од НАТО, па откако добивме кандидатски статус без преговори, сега ќе добиеме и препорака за преговори без датум за преговори, кои ќе дојдат откако ќе се реши спорот околу името на државата. Моментно се разработуваат неколку варијанти како суптилно да се формулира препораката, односно да се награди Македонија, да се признаат нејзините реформски напори, таа да остане фокусирана на евроинтеграцијата, а тоа се' заедно да биде и дополнителен мотив или притисок да се реши спорот за името на државата. Репер ќе бидат препораките што ги добија Турција и Хрватска кога од разни пречки не добија датум веднаш, туку со условувања, што во случајот на Хрватска гласеше дека „преговорите за членство би требало да почнат“, а со Турција дека „текот на реформите ќе го одреди прогресот на преговорите“. Без оглед каква формулација ќе стои во извештајот на Македонија, па и без оглед дали тој ќе биде позитивен или негативен, него ќе го разгледуваат и околу него ќе се изјаснуваат лидерите на ЕУ на самитот во декември. Констатацијата на ЕК дека Македонија направила доволно реформски напори и дека е во можност да почне преговори треба да биде нова освоена „планина“ за нас, бидејќи, како и во НАТО, тешко е ваквата оценка подоцна да биде ревидирана, а до неа би стигнале по пет години политичко исцрпување.
Како и во случајот со Хрватска и Словенија, кои ги одблокираа преговорите, но, сепак, и натаму виси можноста од вето, Брисел нема решение ни за ветото за Македонија, па дипломатската порака е дека треба сами да си ги утврдиме приоритетите, она што го правиме да оди во прилог на тоа што сакаме да го постигнеме (влез во ЕУ), па ако сме цврсто реш��ни да го добиеме датумот, да ја донесеме потребната одлука. Практично во позицијата на Брисел кон спорот не се смени ништо од јуни минатата година кога во заклучоците на ЕУ се напиша дека добрососедските односи се услов и дека треба да се најде решение за името. Слично како со Србија лани кога ЕК беше подготвена да и' вети се' за да се откаже од Косово, сега ги гледа многу попозитивно реформите во Македонија, па и тие во јавната администрација донесени во пет до дванаесет.
Официјалната оценка деновиве е дека Македонија имала доста продуктивни шест месеци, дека се донесени важните закони и дека тие се сосема добро подготвени и со широк консензус. Моментално во Македонија има повеќе критики за реформите отколку во Европската комисија, од каде што порачуваат дека не очекуваат перфекција од нас, бидејќи ова не е крај на реформите и тие ќе продолжат со или без препораката за преговори. Имено, се' уште не се остварени сосема очекувањата околу деветиот критериум,т.е. изборите, а во ЕК се' уште ја следат и ситуацијата со законот за енергетика и состојбата во медиумите, но се навестува дека нема да бидат пречка при носењето на одлуката на 14 октомври.
Брисел и Владата, по се' изгледа, конечно, се најдоа на иста линија, зашто на ЕК и' треба нешто да си го врати кредибилитетот на Балканот по пет години држење во мраз, а на Владата и' треба авторитетот на европската институција за да каже дека реформите и' се в ред и земјата оди во добар правец. Она што може да ја расипе препораката пред извештајот на ЕК е референдумот во Лисабон, а Грција ќе ја има главната улога кога прашањето ќе дојде во Советот на министрите. Инаку, министерот за евроинтеграција утре во Брисел ќе има последно читање со ЕК на извештајот, кој технички ќе влезе во процедура, а клучната реченица што ќе го направи клучен или не ќе се внесе дури последната недела. (С.Ј.) |