Македонија е држава во која се случуваат парадокси со законите и со нивната прецизност. И покрај постојаното менување на правната материја, дупките во законите како да стануваат се' подлабоки. Ова е случај со Изборниот законик кој два пати се коригираше, ама остави многу недоречености. Тоа е посебно изразено кај делот за финансирањето на партиите, кој е критичен терен за политичка корупција. Проблемот е во непрецизностите со донациите за партиите, особено за оние што ги даваат телевизиските и новинарските куќи. Во изборен циклус за медиумите не постојат никакви граници во спонзорствата за политичките субјекти. Тоа не е случај со физичките и правните лица за кои изборното законодавство определи лимити за донации од 5.000 и 20.000 евра.
Државниот завод за ревизија објави дека главни соучесници на партиите во борбата за власт, со непријавени и повластени тарифи, биле медиумите. Фрапира податокот дека телевизијата Канал 5 за платено политичко рекламирање на ВМРО-ДПМНЕ дала попуст од 97 проценти! Можеби е за познатата рубрика „верувале или не“, но оваа неверојатна, речиси бесплатна привилегија значи дека телевизијата и' простила речиси два милиона евра на владејачката партија.
Со какви дисконтни цени се офајдиле партиите рекламирајќи ги своите кандидати за пратеници, градоначалници или за шеф на државата на А1 и Сител може само да се нагаѓа. Државната ревизија остана покуса за сознанијата, бидејќи овие телевизии ги скрија податоците. Тоа уште повеќе ги зголемува сомнежите за валканите релации меѓу одредени медиуми и партии.
Ревизорот со право се сомнева дека токму донациите се матен терен за злоупотреби, но и за празнење на народниот паричник. Чувствувајќи се институционално немоќен затоа што надлежностите завршуваат со чешлање на изборните сметки (а тие се чисти како солза, партиските сметководители одлично ја завршиле работата, вешто ги наштелувале бројките и не оставиле простор за сомневање), контролорите предлагаат посебни набљудувачи кои ќе ја следат кампањата на партиите и ќе подготвуваат финансиски извештаи.
Висината на донацијата е една работа, а сосема друга се етиката и моралот. Тоа што фрапира е податокот дека цените на отстапениот простор за партиите не се ни близу до пазарната вредност, туку за којзнае колку пати се пониски. Секого треба да го замисли овој дампинг што ги нарушува принципите на пазарот, ја загрозува лојалната конкуренција и го задушува медиумскиот простор. Строго селективно е рекламирањето на Владата и на јавните претпријатија. Зависи од критичноста на медиумите. Тој што ги фали успесите на власта - таа богато го храни со реклами, а тој што ја критикува - останува со куси ракави.
Скандалозното сознание за медиумите како најголеми партиски донатори, загрижува и предупредува. Се наметнуваат прашањата кои се интересите на медиумите за таквите донации со попусти на партиите и кој ќарува по изборите. Наједноставниот одговор е дека донациите се добитна комбинација, ем за добивање власт ем за купување привилегии.
Попустот што им го сервираат телевизиите на партиите потоа дебело го наплаќаат од владините реклами, значи со пари на граѓаните. Играта - рекламирај се бесплатно, од буџет ќе ти дадам колку сакаш, значи пари за бизниси. Од давање дозволи, преку пониски даноци и тендери, до пари за плати во кеш.
Во спрегата меѓу медиумите и партиите има сива зона за корупција. Премногу наивно би било да се поверува дека некој некому ќе му попушти доколку од него не очекува профит во иднина. Тоа е класична трговија со интереси од две страни кои свесно влегле во противзаконски односи. Ова е голем предизвик за овластените институции да го кажат последниот збор. Ќе останат ли молчаливи како досега Обвинителството, Управата за јавни приходи, Антикорупциска комисија... останува да видиме.
Treba kako ovde da bide: Koj donira i kolku, da bide dostapno do javnosta, da se ima limit do kolku ce se primat donacii i da se izbegnuvaat i osuduvaat konflikti na interesi.
Од: ФЕЛИКС
Датум: 17.09.2009 08:19:24
Ова вчера беше елаборирано од утрински и од мене.Пак ќе пофторам ваквоѕжто однесување е кај сите партии не само кај ВМРО.Поттикнете истражувачко новинарство колку ВМРО платило на МТВ,Сител Канал 5 и др,. но и СДСМ колку платило на АЛФА,Телма и др. Ако го направите ова тогаш текстот држи но ако правите само кај власта тогаш текстов е партиски памфлет.
Од: Лазар Стефанов - Скопје
Датум: 17.09.2009 08:20:23
Се додека не се добро уреди финансирањњето на политичките парти, далеку ќе бидеме од обележјата на правната држава.Предлагам Влада да распише меѓународен тендер за изработка на нацрт-текст на овој закон. Мислам дека ваков начин на подготовка на закони најчесто го практикува Шпанија и се смета дека нејзиното брзо преобразување од диктаторска во демократска земја се должи и на оваа практика.
Од: gjore
Датум: 17.09.2009 09:27:52
Абе ова „паричник“ (преведено директно од српски новчаник, коешто и најмалите деца го користат без обзир што е српски) ептен ми е смешно ми личи исто како она како се вика на англиски: како да не = how yes no... И силно се избрза зборот „новчаник“ да се смени на сила, барем по весниците, ама „плинска боца“ ни случајно - си остана на чист хрватски. Ни во Србија н викаат „плин“, зашто зборот е чисто хрватски - си викаат - гас, како нас и бугарите. Тука задолжително мора нешто да смениме... како тоа сите исто?
Од: verag
Датум: 17.09.2009 13:29:35
Бидејќи се работи за донации на партиите, дупките во законот се оставени намерно,како од позициски, така и од опозициски партии.