Пентагон призна дека стратегијата за Авганистан не е успешна

Америка призна дека не ја добива борбата против се' посмртоносниот бунт во Авганистан
ВАШИНГТОН - Американски воени извори признаа дека не ја добиваат борбата против се' посмртоносниот бунт во Авганистан и изјавија дека ќе ја сменат стратегијата за борба против милитантните засолништа во Пакистан. Секретарот за одбрана, Роберт Гејтс, и адмирал Мајк Мулен, началник на Генералштабот на здружените сили, изјавија пред Комитетот за воени служби на Претставничкиот дом дека за успех во Авганистан ќе бидат потребни поголеми цивилни напори освен воени борби. „Искрено, времето ни истекува. Не сум убеден дека победуваме во Авганистан. Убеден сум дека можеме“, рече тој, нудејќи рационална процена речиси седум години откако силите предводени од САД ги соборија Талибанците, по нападите на 11 септември 2001 година.
Насилството во Авганистан се зголеми во последните две години, откако Ал Каеда и талибанските борци се регрупираа во далечниот регион меѓу Авганистан и Пакистан. Иако администрацијата на Буш соопшти дека ќе испрати повеќе војници, некои критичари истакнуваат дека планот е несоодветен и дека која било стратегија мора, исто така, да се фокусира на пакистанската страна на границата, каде што американски претставници велат дека веројатно се крие Осама бин Ладен. Мулен рече дека „очекува нова посеопфатна стратегија за регионот“ што би ги покривала двете страни на границата, вклучувајќи ги и племенските области на Пакистан. „Овие две земји се нераскинливо поврзани во заеднички бунт, што ја поминува границата меѓу нив. Можеме да бидеме во потера и да убиваме екстремисти додека ја минуваат границата од Пакистан. Но, се' додека не соработуваме поблиску со пакистанската влада за да ги елиминираме засолништата од кои тие оперираат, непријателот ќе продолжи да доаѓа“, рече Мулен.
Без директно да зборува за Мулен, командант на пакистанската армија, генерал Ашфак Кајани, упати јасна порака до странските сили дека тие нема да бидат толерирани на пакистанска почва. „Суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата ќе се брани по секоја цена, и на ниту едни надворешни сили не им е дозволено да спроведуваат операции во Пакистан“, се вели во соопштението од војската во кое се цитира Кајани.
САД ги интензивираа нападите врз милитантните цели во Пакистан годинава, со серија ракетни напади од беспило��ни авиони и напад на американските командоси со хеликоптер последниве денови. Нападите предизвикаа осуда од пакистанските лидери и можеби ги искомпликуваа предизвиците со кои се соочува новоизбраниот пакистански претседател Асиф Али Зардари. Американските специјалци во Авганистан побараа уште три борбени бригади или околу десет илјади војници кои ќе им помогнат да се справат со бунтовничките дејства. Околу 33.000 американски војници веќе се таму, вклучувајќи 14 илјади кои се дел под воената команда на НАТО од 53.000 војници. (Ројтерс) |