Палестинската полиција го средува беззаконието во Хеброн

Полицијата во август уапсила 139 лица за убиства, трговија со дрога до илегална трговија со оружје
ХЕБРОН - Ново поглавје во историјата на библискиот град Хеброн се запишува во палестински полициски записник. Извештајот покажува дека палестинската полиција во август уапсила 139 лица, под сомневање дека извршиле злосторства од убиства, трговија со дрога до илегална трговија со оружје. Поделени се речиси 700 сообраќајни казни. По неколку години владеење на вооружени лица, на палестинската страна од поделениот град на окупираниот Западен Брег, околу 400 палестински полицајци со пиштоли и во сини униформи, почнуваат да ја менуваат состојбата, јавуваат жителите. „Чувствувам дека безбедносните услови се подобрија. Сега се чувствувам побезбедна кога се движам низ улиците и има помалку вооружени конфликти“, рече за Ројтерс 49-годишната домаќинка Ум Нидал.
Трговецот Махмуд Овеида рече дека вооружените лица кои доминирале во животот во Хеброн, ги нема на улиците, а звукот на оружјето исчезнал. Пред шест месеци, палестинските полицајци почнаа да имплементираат безбедносен план, поддржан од Запад, во дел од Хеброн, предвиден за палестинска контрола, согласно привремениот палестинско-израелски мировен договор. Меѓутоа, сите не се задоволни од развојот на настаните.
Жителите на областа под палестинска контрола долго време се обраќаа до локалните племенски лидери за решавање на спорови и спречување на криминалот. Нивната улога доби на значење по палестинскиот бунт што започна во 2000 година, а Израел ја уништи палестинската безбедносна инфраструктура на Западниот Брег. „Нашите племенски закони ги дополнуваат законите на владата, но полициските сили не можат да ја заменат нашата улога“, вели Зухеир Марака, највлијателниот лидер на клан во областа Хеброн.
Делот од Хеброн под израелска контрола, каде што околу 650 еврејски доселеници, заштитени од израелските војници, живеат меѓу 30.000 Палестинци, не е под контрола на палестинската полиција. Според договорот за Хеброн од 1997 година, меѓу Израелците и Палестинците, тие можат да влезат само по координација со израелските органи, која тешко се добива. Израелскиот одговор секогаш бил негативен. (Ројтерс)
|