Живот
Слепите ќе прогледаат со високотехнолошки очила
Истражувачите работат на „паметни очила“ што користат мали камери и џебен компјутер за да ги алармираат корисниците за предметите и луѓето пред нив
Наскоро во продажба би можело да се најдат бионички очила што би им помогнале на илјадници слепи луѓе да гледаат. Истражувачите од Оксфордскиот универзитет работат на „паметни очила“ што користат мали камери и џебен компјутер за да ги алармираат корисниците за предметите и луѓето пред нив. Тие ќе им олеснат на слепите да се ориентираат во шопинг-центрите и прометните железнички станици, па дури би им овозможиле да ги „читаат“ броевите на автобусите и компјутерските прикази на банкоматите.
Лесните, евтини очила, кои би можеле да бидат готови за продажба најрано во 2014 година, доколку се покажат успешни испитувањата, би биле погодни за поголем дел од 300.000 Британци регистрирани како слепи. Постарите луѓе со дегенеративни промени и дамки поврзани со возраста, веројатно ќе имаат најголема полза.
Претходните обиди да се создаде ваков апарат резултираа со големи темни очила, големи камери и тешки компјутери. Но, напредувањата во технологијата значат дека би било можно да се создадат бионички очила што не се разликуваат од стандардните очила. Уште поважно, цената од помалку од 1.000 фунти значи дека тие би биле достапни, смета Летната научна изложба на Кралското здружение.
Доктор Стивен Хикс, истражувач од областа на клиничка неврологија, финансиран од Министерството за здравство, вели: „Добро е да се мисли дека ќе можеме да ги произведеме по цена што ќе ги направи достапни за луѓето што ќе имаат најголема полза“.
Доктор Хикс ги заврши основните истражувања и сега работи на прототипни очила. Тој предвидува проѕирни очила со леќи, опремени со мали диоди што емитираат светлина и камери со големина на топуска, поставени на надворешните агли на рамките. Камерите ќе ги примаат информациите што би требало да ги види окото и ќе ги испраќаат преку кабел до подвижен компјутер со големина на телефон, во џебот на корисникот. Компјутерот ќе ги обработува информациите и ќе ги поедноставува во шаблон од точки. Потоа диодите во леќите ќе светат во шаблонот, а корисникот ќе добива корисна информација што се наоѓа пред него. Треперлива светлина би можела да значи дека пред него има човек, додека цврст блок би можел да означува предмет, како што се скали.
Иако вакви информации можеби не се импресивни за оние што гледаат, тие, исто така, би можеле да им овозможат на луѓето што загубиле голем дел од видот повторно да стекнат доволно независност за да отидат во шопинг сами или за да користат јавен транспорт. Доколку се додадат слушалки, би можеле да се пренесуваат покомплексни информации. На пример, камерите би можеле да го снимат бројот на автобусот или информации од таблите за железнички сообраќај, што би биле анализирани од компјутерот. Откако ќе се обработат, информациите би биле пренесени до корисникот преку глас до нивното уво.
Со текот на времето, истиот принцип би можел да се искористи за да им се помогне на слепите луѓе да ги „видат“ екраните на банкоматите пред банките или апаратите за билети на железничките станици. Бионичките очила се потпираат на способноста корисникот да ја забележува светлината, така што нема да бидат погодни за луѓе кои се целосно слепи. Но, поголем дел од регистрираните слепи луѓе, вклучувајќи ги и оние со дегенеративни промени и дамки поврзани со возраста, се' уште имаат малку вид.
Доктор Хикс планира да направи мали лабораториски тестирања кај слепите луѓе оваа година пред да стави 120 луѓе на двегодишното испитување во кое ќе се испитува употребата на очила во шопинг-центри и дома. (Дејли мејл) |