Тиквешко Езеро спас од пеколните горештини
Македонија нема море, но има други извори за разладување
КАВАДАРЦИ - Тиквешкото Езеро овие денови е одлична дестинација за разладување на Тиквешани. Минатиов викенд голем број граѓани побегнаа од градските горештини на најголемата вештачка акумулација. Граѓаните велат ако нема пари за море или за други туристички дестинации, тука ни е Тиквешкото Езеро.
Покрај Тиквешани, голем е бројот и на граѓани од другите градови во Македонија кои побараа разладување во водите на Тиквешко. Луѓето што ги среќаваме велат дека езерото е убаво, но недостасуваат сместувачки капацитети. Викендичките се преполни, а нема хотели или слични објекти каде што може да се преноќева.
Оние кои со години престојуваат на Тиквешко езеро велат дека езерото е преполно со алги и нуди одлична можност за лекување астма. Околу езерото има над 2.000 викендички, а заинтересирани туристи не можат да закупат ни еден кревет. Некои од сопствениците на вили сакаат да развиваат туризам, ама не знаат како. Други, пак, „не сакаат туѓинци да им шетаат“ во близина. Неразвиената придружна ��нфраструктурата е слаба страна на едно од најголемите акумулациски езера во Македонија.
Дополнителен проблем за некои од газдите на куќи претставува тоа што до нив се стигнува само по воден пат. „Имам објект кај Полошкиот манастир и мене не ми се исплаќа да го издавам за гости за само неколку дена, оти морам да ги носам и да ги враќам. Ми одговара ако тие сакаат да уживаат крај езерото подолго време“, вели сопственик на викендичка. (А.Д.) |