Алонсо најдобар во Силверстоун
Прва победа на Ферари сезонава, Фетел и Вебер веднаш зад Шпанецот
Фернандо Алонсо му ја донесе првата победа на Ферари во годинашната сезона во Формула 1 со извонредно возење во возбудливата трка за Големата награда на Велика Британија. Шпанецот ги искористи пит-стоп проблемите на Себастијан Фетел и го презеде водството во трката од Германецот, но тоа не ја намалува одличната изведба на болидите на Ферари на патеката во Силверстоун. Фетел остана во финишот да се брани од тимскиот колега Марк Вебер, кому шефот Кристијан Хорнер му порача да си ја зачува позицијата. Луис Хамилтон заврши четврти, запирајќи го нападот од Фелипе Маса од Ферари во возбудливиот дуел во последниот круг.
„Ова не е подарок за Ферари“, изјави коментаторот на Би-Би-Си, Дејвид Култхард. „Тие заслужено дојдоа до водството во оваа трка“.
Џенсон Батон се повлече поради проблемот при последниот пит-стоп, кога тргна да се врати во трката без завртката на неговото десно предно тркало и беше принуден да запре на излезот од боксовите. Механичарите му создадоа проблем и на Фетел, кој уште на ст��ртот му го украде водството на сопственикот на пол-позицијата Вебер во незгодните услови на патеката, влажна на половина од нејзината должина и сува на другата половина.
Болидите на Ред бул ја имаа контролата во трката со Фетел во водство пред Вебер, а Хамилтон во 15. круг изби на третото место, брилијантно престигнувајќи го Алонсо. Но, како што почна да се суши коловозот, трката се заврте наопаку. Алонсо почна да вози најбрзи кругови, приближувајќи му се на Хамилтон и претекнувајќи го во 24. круг, за потоа да почне да им дува во вратот и на двата „ред була“.
И Шпанецот и Фетел влегоа во боксот во 27. круг за претпоследен пат во трката и одолжувањето со прицврстувањето на левото задно тркало на Германецот му овозможи на Алонсо да го престигне во боксот и да избие на првото место, кое не го испушти до крајот на трката. |