Анова и Трпковски на местото на Груевски и Трајковски
11.07.2011, 15:24
Сузана Анова и Стевче Трпковски се двајцата нови пратеници чии мандати денеска ги потврди собраниската Верификациска комисија врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за прифаќање на остатокот од мандатот за пратеник во Собранието, согласно член 153 од Изборниот законик.
Двајцата се од листата на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица еден.
Јани Макрадули од СДСМ на седницата повторно го отвори прашањето за личното поднесување оставки на пратениците, како што се предвидува во членот 65 од Уставот. Според него, доволно е само пратениците да присуствуваат на седницата на која се констатира нивната оставка.
- Раководството на некоја партија ќе го злоупотреби ова, рече Макрадули, додавајќи дека во отсуство на пратеник може да му биде подметната оставка во Собранието.
Утре Собранието ја закажа третата седница на која треба да бидат изгласани предлозите за потпретседатели на Парламентот и да биде констатиран мандатот на двајцата нови пратеници.
|