ЕДИТОРИЈАЛ
Маневски може да биде спокоен
Гордана Дувњак
Кој вели дека Михајло Маневски е лош министер за правда и најкатастрофално решение во целиот владин кабинет? Сега го разбирам премиерот Никола Груевски, зашто и по сите критики на експертите, на домашната и на меѓународната јавност, упорно го држи покрај себе најстариот министер, кој е вистински рекордер и по должината на стажот во Владата, бидејќи си тера веќе петта година во министерската фотелја.
И тоа не е случајно! Зашто никој подобро од Маневски, и без никаква задршка, не може да му го испорача на премиерот она што тој и неговата ВМРО-ДПМНЕ го посакуваат. Друга работа е колку она што е добро за партијата е добро и за државата! Го загрижува ли премиерот, воопшто, тоа што се пишува во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во делот за судството. Особено она парче каде што токму министерот за правда се прозива дека врши притисок врз судската власт.
Ако идејата на Маневски беше да направи рекомпонирање на најголемиот апелационен суд во државата, како прв чекор кон целосна демонтажа на судството, може да биде сосема задоволен. Сигурно гази кон целта - со крупни чекори! Успеа да го стави во ред скопскиот Апелационен суд со разрешување неколку „неподобни“ судии, меѓу кои и кривичарката Виолета Дума, само затоа што го спроведувала законот. Откако преку Судскиот совет не му успеа да го „урне однатре“, сам го натера актуелниот претседател Јордан Митриновски да се повлече од функцијата. Го натера да дојде до тоа дереџе и бламажа за да мора да го оспори сето тоа што самиот го кажал само еден или два дена порано. Сосема доволно да ги заплаши и останатите судии да внимаваат како судат. Сега може мирно да чека да се вратат некои предмети што беа укинати („Армиско оружје“, „Тајвански кредити“, „Змиско око“, „Југ“ 1 и 2“...). А, нема зошто да се плаши и од изненадувања, дека може некои нови предмети да бидат пресудени надвор од нечија политичка желба.
Последните оставки на двајцата искусни судии, кои се речиси пред п��нзија, отворија многу дилеми не само за конкретниот случај, туку за судството во целина.
Прво, дека нема судија кој не може да биде ставен „надвор од игра“, доколку некој го посака тоа. Без разлика на неговото правничко искуство, знаење, па дури и чесноста во професијата. Особено, ако се замери со моќниот пар Маневски или, пак, реши да работи по свое, во предмети од „општ интерес“.
Второ, дека никој делител на правдата не може да се потпре на она што му го дозволува и гарантира законот. А, тоа е слободно судиско убедување! Десетте гласа во Судскиот совет веднаш ќе ве разубедат дека мислите и работите незаконито. А, ќе се најде и доволен број судии во некој жалбен совет, кој ќе го потврди истото тоа.
Трето, дека некои институти и законски решенија постојат само на хартија. Можете колку и да сакате да ги охрабрувате судиите да бидат внимателни кога го користат притворот, зашто е најтежок облик на ограничување на човековите права. Но, само пробајте ако сте судија, да изречете куќен притвор или гаранции во недвижен или во подвижен имот, или да одземете патна исправа. Цела држава ќе се крене на нозе! Тутунскиот бос Бајруш Сејдиу се покажаа дека е опасен дури и кога е во притвор. Кој и зошто толку се уплаши од него што дури почнаа да летаат „судиски глави“ само за една одлука. |