Мислења
Шопинг или производство?
Ден Дончев
Точниот одговор на ова прашање може да не' одведе до повисоко ниво на странски директни инвестиции, а со тоа и до повисок стандард
И оваа година, очигледно, ќе биде неуспешна за привлекување странски директни инвестиции (СДИ). Вкупниот износ на СДИ за 2010 година, најверојатно, ќе изнесува околу 130 милиони евра, што е еднакво на 65 евра по глава на жител. Реален економски ефект од толку мала сума речиси нема. И покрај јасниот неуспех, некои претставници на Владата, очигледно, ниту се вознемируваат ниту се разочаруваат. Тие најавуваат дека во наредните години очекуваат многу повеќе СДИ! Според нив, оваа година имало многу поголем интерес од странски фирми, како и повеќе посети на странски компании во Македонија.
А ова е трета година кога еден или друг претставник од Владата најавува дека во наредните години се очекува многу поголем влез на СДИ. Сите заборавија на владиното ветување за 8 милијарди евра странски инвестиции. Да се надеваме дека, барем овој пат, овие претставници од Владата ќе бидат во право и оти во наредните години навистина ќе има многу повеќе СДИ споредено со претходните две години.
Ако нешто и' е потребно на нашата држава, тоа е значајно зголемување на странските инвестиции. Република Македонија мора да се стреми кон привлекување на СДИ од најмалку 300 евра по глава на жител на годишно ниво и тоа во континуиран период од најмалку четири години. Тоа би значело еден кумулативен износ од најмалку 2,4 милијарди евра во четиригодишен период, што моментно звучи како научна фантастика имајќи ги предвид постигнатите резултати во последните неколку години. Но, ваков просек по глава на жител беше постигнат од неколку земји во регионот, посебно по нивниот влез во НАТО и во ЕУ. Меѓутоа, моментната политичка и економска состојба во Република Македонија не дава надеж дека просекот на СДИ по глава на жител во 2011 година ќе биде нешто значајно повисок од оваа година, а ситуацијата во 2012 година, најверојатно, ќе биде слична, имајќи предвид дека е изборна година.
Како и да е, ако Република Македонија не помине еден четиригодишен период на вистински бум на СДИ со привлекување просечен годишен просек од најмалку 300 евра по глава на жител, реално, многу тешко може да очекуваме дека економската состојба значајно ќе се подобри. Едноставна вистина е дека државниот сектор на Република Македонија веќе стана толку голем дел од економијата, што приватниот сектор, кој е далеку најважниот двигател на реален економски раст, едноставно нема капацитет сам по себе да ја развие македонската економија со просечна годишна стапка на раст поголема од 3 отсто. Вистината за нашата економија е дека македонскиот приватен сектор е класична жртва на тоа што во макроекономската наука се нарекува „задушување на приватниот сектор“. Во отсуство на темелни (а во некои области и болни) структурални реформи на македонската економија, посебно во државниот сектор, сегашната економска состојба е приближно се' што можеме да очекуваме на краткорочен план, па и на среднорочен.
Значајното зголемување на СДИ дава реална надеж на македонската економија да направи скок што нема да може да го направи со сопствените внатрешни економски сили, имајќи ја предвид веќе поставената макроекономска рамка. Затоа, акцентот на оваа Влада да привлече СДИ е сосема оправдан. Но, тоа што оваа Влада очигледно не може или не сака да го сфати е дека Република Македонија нема никакви шанси во догледно време да се приближи кон неопходниот годишен просек на СДИ по глава на жител, без претходното намалување, па ако сакате и елиминирање, на перцепцијата за политичкиот и економскиот ризик на земјата.
Сакале да признаеме или не, една е перцепцијата за политичкиот и за економскиот ризик за една мала држава како Македонија, таква каква што е денес, а сосема друга би била перцепцијата за Македонија како членка на НАТО и на ЕУ. Ниту еден сериозен странски инвеститор јавно не би го кажал ова, но треба да сме свесни дека при евалуацијата за каде и во што да се инвестира, перцепцијата за политичкиот и економскиот ризик на државата е интегрален фактор во проце��от на донесувањето одлуки за инвестирање. Впрочем, многубројните случаи на очигледни шарлатански „странски инвеститори“, кои парадираа низ Македонија во последните неколку години, е најголем доказ каква е перцепцијата за Република Македонија како дестинација на странските инвеститори.
Во отсуство на реални успеси, оставени сме на привремени најави за влез на странски инвеститори во области што реално не можат да придонесат позначајно за економскиот развој на државата. Токму ваков е и примерот со изградбата на новиот трговски центар во скопската населба Карпош 4 - „Скопје сити мол“. Секако, оваа инвестиција е позитивна, но треба да сме свесни дека макроекономските ефекти од ваков тип инвестиции се дискутабилни, имајќи ја предвид поставеноста на македонското стопанство. Најавената инвестиција од 80 милиони евра е корисна за македонската економија во зависност од степенот до кој се користи локална работната сила и локално произведените материјали при изградбата на објектот, како и локално произведената опрема со која ќе биде снабден ентериерот на објектот. Понатамошното тргување на стоки во овој трговски центар придонесува кон развојот на бруто домашното производство само до степенот до кој се продаваат дома произведени стоки. Најавеното вработување на 2.000 луѓе, исто така, е позитивно. Но, повторно треба да имаме предвид дека севкупната потрошувачка на македонската економија е релативно стабилна од година на година со мал процент на раст, во зависност од растот на севкупното БДП на државата.
Со други зборови, доколку претпоставиме дека овој нов трговски центар како целина постигне вкупен годишен промет од 50 милиони евра во првата година од своето работење, тоа несомнено ќе значи дека барем 40 милиони евра е прометот што би бил буквално одземен од другите трговски центри и продавници и пренасочен кон продавниците во „Скопје сити мол“. Поточно, успехот на овој т��говски центар неминовно ќе се рефлектира во намалениот промет на други трговски центри, како и намалениот промет на стотици мали продавници низ Скопје.
Конечно, останува економскиот аксиом дека една земја, која било земја, единствено може да се збогати преку градење производствени капацитети што ќе произведуваат стоки што потоа ќе се продаваат во гламурозни трговски центри како „Скопје сити мол“.
Макроекономските ефекти од ваквите трговски центри, во економии каква што е македонската, во најголема мера се неутрални. Се' што се случува е внатрешната прераспределба на веќе утврдената севкупна потрошувачка. Би било добро владините претставници да го имаат оваа на ум следниот пат кога сечат ленти за отворање нови трговски центри.
(Авторот е економски аналитичар) |