Поглед
Новогодишно пушење
Бојан Шашевски
Законот за заштита од пушење се рашири низ болниците, градинките, канцелариите, го узурпира амбиентумот и во сите локалчиња, кафулиња и кафеани, па навидум ги стави на колена сопствениците на угостителските објекти и направи едно чудо чад по улиците, летните бавчи и маалските кооперации.
Истиот закон создаде идеална подлога за дискусии и лаф-муабети меѓу пушачите, лекарите, демократите, комшиите и партиите. Газди на многу локали се жалеа дека останале без посакуваната добивка, но и без дел од вработените, па посведочивме како угостителите протестираа, а Пазарниот инспекторат тренираше пишување казни.
Налепници со пречкртани цигари се' уште зјаат на ѕидовите и бодат очи во угостителските објекти, а сепак, некои газди и натаму поставуваат пепелници и примаат резервации за редовните муштерии-пушачи, дури и по неколку недели однапред. Рамноправност пред пријателството. Пријателство поголемо од законот.
А, Законот (пре)мал за судовите! Државниот инспекторат во последниов месец ги впрегна своите луѓе и залепи 120 казни за недозволено пушење. Оти народот не се откажа од своите навики. Но, во судот испари доставената документација.
Значи, се' останува на тоа кој како ќе се снајде, кој каде ќе си најде место за цигарче. Можеби ќе дојде време секој да зачури тутун во некој од омилените локали. Можеби треба само да се посака желба, па Дедо Мраз ќе фрли пакетче со резервирано место во новогодишен пушачки локал. Оти, забавата кај и да е ќе почне и ќе продолжи и во новата година. А, Законот за пушење и натаму ќе се лизга по зимскиот мраз, кој, по се' изгледа, не го растопува ниту казна од 4.000 евра. |