Слободанка Јовановска ја прими наградата „Јасмин“
Добитниците на наградата Слободанка Јовановска и Виктор Габер
Вчера во свечената сала на Собранието беа врачени наградите „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за 2010 година, кои ги добија Слободанка Јовановска за новинарство и Виктор Габер за публицистика.
Слободанка Јовановска од „Утрински весник“ е наградена за својата долгогодишна работа како новинар, дописник и уредник, чија работа се одликува со професионалност, сеопфатност и квалитет, а исто така и за нејзините текстови од последнава деценија за односите на Македонија и ЕУ, односно за македонската дипломатија, со кои континуирано придонесува во информирање и креирање на јавното мислење.
Виктор Габер ја доби наградата за својот публицистички труд „Името Македонија - историја, право, политика“, кој од комисијата беше оценет како најквалитетен, како дело кое го третира проблемот со името со повеќестрана и детална обработка на темата. „Во него, како што истакна претседателот на одборот, Борис Поп Ѓорчев, се прави сеопфатна и минициозна анализа, евиденција и критика на сето она што се случуваше последниве децении, но и многу повеќе“.
Оваа година, за разлика од лани, кога пристигна само една иницијатива од областа на публицистиката, конкурираа дури 12 иницијативи, со еднаков број во двете области. Претседателот Борис Поп Ѓорчев го истакна задоволството дека со ова се прекинува неповолниот број пријавени кандидати и дека ова без друго охрабрува и радува. А посебно затоа што денеска беше врачена 41. награда за новинарство и 37. награда за публицистика. Од името на добитниците се заблагодари Виктор Габер. (С.У.) |