Британскиот премиер навива за Обама?
Републиканците официјално побарале од британската амбасада во САД објаснување за однесувањето на Браун
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Британскиот премиер Гордон Браун, покрај големите тешкотии што ги има со сопствениот углед, со рејтингот на лабуристите кај домашните гласачи и со подизморената британска економија, сега мора уште да се справува со лутината на симпатизерите на американската Републиканска партија, кои го обвинуваат дека (без потреба) се меша во тамошната предизборна кампања. Работите отидоа дотаму што изборниот штаб на републиканците официјално побарал од британската амбасада во Вашингтон објаснување за однесувањето на премиерот Браун и, како што се дознава, протестирал поради „заземањето страна“ во изборната трка за Белата куќа.
Поводот за ваквата реакција е авторски текст на британскиот премиер, објавен во списанието „Парламентарен монитор“, во кој Браун ги пофалува американските демократи за тоа дека развиваат идеи кои може да им помогнат на луѓето во овие тешки економски времиња за нив. Притоа, премиерот Браун истакнува дека тоа е една од мерките што ги застапува и ги брани сенаторот од Илиноис, Барак Обама, не споменувајќи ги ниту еднаш и во ниту една прилика републиканците и нивниот кандидат, сенаторот Џон Мекејн.
Треба да се претпостави дека малкумина во британската јавност се загледуваат во едно вакво списание, па можеби се' ќе останеше таму и на Брауновото воодушевување со демократските политички визии ако Вилијам Хејг, поранешен лидер на конзервативците, кој сега во „владата во сенка“ на ториевците е задолжен за надворешната политика, во текстот не виде „опасност за британските интереси“. Според него, недозволиво е за еден премиер на Британија да се меша во изборната трка на една странска земја, во случајов САД, како што го прави тоа Браун, определувајќи се на страните на тамошните демократи наспроти на републиканците. Критиките и нападот на Хејг беа доволни во британските медиуми да се направи „случај“ по кој почна да се дебатира околу тоа - дали британскиот премиер веќе се определил и сосема отворено навива за Барак Обама.
Овдешните медиуми, а посебно весниците, било да се на десната или на левата страна од својата политичка определеност, навиваат сосема отворено за некоја партиска опција, или за кандидат, во изборните кампањи во Европа и во светот. Тоа посебно се однесува кога станува збор за големите во ЕУ, во земјите на Комонвелтот и во секој случај во САД. Тамошните избори се следат уште од времето на предизборието и за нив детално се известува секој ден, при што оние весници кои себеси се сметаат за пролиберални и за пролевичарски редовно се определуваат за демократскиот кандидат. Пред четири години, на пример, „Гардијан“ и „Индепендент“ нескриено навиваа за демократот Џон Кери, против Џорџ Буш. Овие два весника беа разочарани кога победи Буш, како што незадоволно ги проследија и победите на Саркози во Франција или на Берлускони во Италија. Сега таквата определба пак е присутна, овој пат поврзана со Обама, прифаќајќи го него речиси како новиот Кенеди на 21 век и опишувајќи го како најдоброто решение за Европа и за светот, па затоа и од овој политички табор најчесто доаѓаше одбраната на Браун. За него уште при влегувањето во Даунинг стрит 10, на крајот од минатиот јуни, се најавуваше дека ќе ја оддалечи Британија и британската политика од администрацијата на Буш, но иако премиерот Браун не го направи тоа, барем не во обемот што левичарите и либералите го посакуваа, се очекуваше дека тој, сепак, ќе му биде поблизок на Обама, отколку што може да му биде на Мекејн. Веројатно и затоа, по избувнувањето на „случајот со навивањето“, кабинетот на премиерот почувствува за потребно да реагира со соопштение во кое се демантира дека тој зазема страна на изборите во САД и дека навива за сенаторот од Илиноис. Портпарол во Даунинг стрит 10 објасни дека изминатите месеци Браун ги примил и разговарал и со двајцата кандидати за американски претседател, а со нив се сретнал и во Вашингтон за време на последната посета на САД. „Американските избори се работи на американскиот народ и само тој се определува и го избира својот иден претседател“, изјави портпаролот на владата во Лондон, објаснувајќи дека британската влада тесно ќе соработува независно кој ќе биде избран на ноемвриските избори.
Браун почувствува за потребно уште еднаш да демантира дека не навива за кого било на изборите во САД. За време на неодамнешната посета на италијанскиот премиер Силвио Берлускони, на заедничката прес-конференција, британскиот премиер појасни дека изборите се американски и дека никој отстрана нема право да се меша во тоа. Поддржан од својот гостин од Италија, кој се надоврза дека Европа нема право да бира американски претседател, изгледаше дека „случајот“ е затворен. Но, тоа беше така се' до следниот ден, кога заменик-лидерот на лабуристите, Хариет Хармон, мирно изјави дека нема ништо чудно во она што го напишал премиерот за демократите и нивната политика, објаснувајќи дека Лабуристичката партија на демократите во САД гледаат како на „сестринска партија“.
Таквата формулација овде не е слушната уште од времето на првиот мандат на Блер, кога тој сопствениот концепт за „новиот лабуризам“ се обиде да им го продаде на француските, германските и италијанските социјалистички и социјалдемократски партии, но беше студено одбиен, токму поради „сестринскиот однос“ на новите лабуристи и демократите од САД, тогаш предводени од претседателот Бил Клинтон. |