По ураганот „Ајк“, воведен полициски час во Хјустон
Полицискиот час е потребен, бидејќи поголем дел од четвртиот најголем град во САД е без електрична енергија
ХЈУСТОН - Во Хјустон е воведен еднонеделен полициски час за да се спречи ограбување како последица од ураганот „Ајк“, што ги зафати овој американски град и многу други делови од Тексас. Полицискиот час во ноќните часови е потребен, бидејќи поголем дел од четвртиот најголем град во Америка е без електрична енергија, јавија официјални лица. Во меѓувреме, спасувачите евакуираа речиси 2.000 луѓе од најтешко погодените области по должината на крајбрежјето на Тексас. На нафтените рафинерии во Тексас, исклучени поради невремето, ќе им бидат потребни до девет дена за да закрепнат, предупреди американски претставник. Ураганот „Ајк“ го погоди Галвстон, Тексас, во саботата наутро со ветришта од 175 км/час. Невремето предизвика разорување од 800 км во опсегот на Мексиканскиот Залив, а потоа во неделата ослабе и го зафати Арканзас како тропска депресија. Досега „Ајк“ однесе осум животи - пет лица загинаа во Тексас, две во Луизијана и едно во Арканзас.
Властите во Хјустон јавија дека полицискиот час од 21 до 6 часот бил воведен, бидејќи паднатите електрични столбови ја прекинале електричната енергија за милиони луѓе. „Сообраќајниците се' уште се многу, многу опасни. Електричната енергија е во прекин и нема улично осветление, се' уште има паднати гранки, се' уште се стои во вода“, рече судијата Ед Емерт од округот Харис што го опфаќа Хјустон. „Ве молам да не излегувате доколку немате апсолутна потреба“, побара судијата Емерт од жителите. Официјални лица, исто така, јавија дека училиштата во градот и регионалните аеродроми ќе останат затворени извесно време.
Властите проценуваат дека до 140.000 луѓе од Тексас ги игнорирале задолжителните наредби да се повлечат пред невремето. Во крајбрежното место Галвстон, што го претрпе главниот удар на ураганот, хуманитарните работници користат чамци, камиони со високи тркала и хеликоптери за пребарувањата од куќа во куќа низ поплавените улици и оштетени згради. Во неделата властите во Тексас соопштија дека досега се спасени 1.984 луѓе кои одбиле да се евакуираат, меѓу кои 394 со хеликоптери.
Американскиот претседател Џорџ Буш - кој денес треба да го посети Тексас - побара од жителите кои ги почитувале наредбите за евакуација пред невремето, исто така, да ги следат преду��редувањата од локалните власти пред да се обидат да се вратат во погодените области. Во меѓувреме, 600 луѓе се спасени во соседна Луизијана каде што поплавите уништија десетици илјади куќи и оставија речиси 200.000 домаќинства без електрична енергија. |