Франција го пречека папата со црвен тепих
Саркози го промовираше концептот на „позитивен лаицизам“, што беше дочекано на нож од социјалистите
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Нанси - Француската држава посла црвен тепих за шефот на Католичката црква, што не ги остави рамнодушни приврзаниците на лаицизмот. Претседателот Никола Саркози и неговата сопруга Карла Бруни го пречекаа Бенедикт Шеснаесетти на самиот излез од авионот на аеродромот „Орли“, чест која Саркози му ја има направено само на Нелсон Мандела. Но, тоа што ги загрижи приврзаниците на лаицизмот „а ла франсаисе“ беше дискусијата на шефот на државата при приемот на папата во Елисејската палата, во која Никола Саркози го поддржа контроверзниот концепт за „позитивен лаицизам“, оценувајќи дека наследството и улогата на религиите во општеството треба да бидат наполно поддржани.
„Повторно повикувам на позитивен лаицизам, лаицизам што почитува и обединува, што отвора дијалог, а не што исклучува“, беа зборовите на Саркози. Позиција што предизвикува бранувања во земјата, во која многумина видоа „американизација на францускиот лаицизам“.
Социјалистичката партија ги повика владата и претседателот да бидат „чувари на принципот на лаицизмот“, додека Здружението на лаичките семејства го обвини Саркози за постојано мешање на политиката и религијата откако е избран за претседател.
Франк масоните од ложата на Големиот Ориент сметаат дека лаицизмот нема потреба од додавки за да постои и секое повикување на позитивен лаицизам ја искривува смислата на лаицизмот. Најстарата масонска организација во Франција потсетува дека „духовноста не е привилегија само на религијата“ и дека „слободната мисла неподредена на догмите може да биде еманципирачки начин на живеење за човекот“.
Во една друга пригода претседателот Саркози, зборувајќи за религијата, нагласи дека „учителот не може да го замени свештеникот“, мислејќи тука на воспитувањето на младите.
Сенаторот од левото крило на француските социјалисти, Жан-Лук Меланшон, не пропушти да не забележи дека „прв пат во републиканската историја на Франција папата и еден претседател на Републиката имаат иста позиција. Во оваа насока, лаицизмот на Републиката е во опасност“. Промовирањето на концептот на „позитивен лаицизам“, според овој сенатор, е во спротивност со законот од 1905 година, бидејќи со него се предв��дува враќање на црквата како актерка во институционалниот и јавниот живот.
„Лаицизмот подразбира дека религијата е лична работа и во една држава што ја почитува слободата на вероисповедта, одговорните и на прво место претседателот треба да бидат чувари на принципот“, смета Жулиан Дре, портпарол на социјалистите. Според Дре, приоритет за владата треба да биде обединувањето на Французите, бидејќи Франција и така има доволно проблеми за да се отвораат нови“.
Папата на пат кон Франција внимателно порача и одговори на полемиката: „Политиката не е религија, туку профанска реалност со специфична мисија. Денес ми изгледа евидентно дека лаицизмот не е во противречност со верата. Би рекол дури дека е и резултат на верата, бидејќи христијанската вера уште од самиот почеток беше универзална религија. Значи, не може да се идентификува со една држава, таа е присутна во различни држави“.
Во колеџот Бернардин во Париз, неодамна обновен, пред кремот на француското општество и култура папата ја одржа толку многу очекуваната беседа во која фокусот му беше на опасностите од религиозниот фанатизам и на христијанските корени на Европа. „Ако денешната европска култура ја сфаќа слободата како целосно отсуство на врски, тоа ќе биде фатално и неизбежно ќе ги фаворизира фанатизмот и самоволието“, рече тој.
„Оваа дискусија го отвора дијалогот и тоа е најважното“, оцени поранешниот претседател на Европската комисија, Жак Делор, кој беше меѓу 700 поканети на беседата.
Француските католици, кои чекаа три и пол години за да го пречекаат Бенедикт Шеснаесетти, му приредија вистински триумф на новиот папа, кој доаѓа од соседна Германија и кој е совршен франкофон. Француската црква и Ватикан стравуваа за тоа каков ќе биде приемот на папата, за кого во јавното мислење во Франција постоеше впечаток дека е далечен и конзервативен, накратко непознат. Но, огромната толпа верници во Париз, а потоа и во Лурд, ги смирија и најзагрижените во Ватикан.
Лично папата Бенедикт Шеснаесетти, како добар дипломат, се погрижи за убавиот пречек, порачувајќи им на Французите од авионот што го носеше од Рим во Париз: „Ги сакам Франција и големата француска култура, големите катедрали и големата француска уметност и теологија!“
Резултатот е 250.000 верници на еспланадата пред Инвалидите во Париз и речиси комплетната француска влада на чело со премиерот Франсоа Фијон и неговата сопруга, како и сопругата на поранешниот претседател Ширак, Бернадет. Повеќе илјади на патот што води низ улиците во Париз, пред Богородичната црква. Сто и педесет илјади во Лурд, а убавото време на двете места само го разубави празникот за католичките христијани.
Двете миси во Лурд имаа посебно значење. По Јован Павле Втори во 2004 година, Бенедикт Шеснаесетти е втор папа кој го посети Лурд, каде што во една пештера, како што има прифатено Католичката црква, Дева Марија и' се појавила на Бернадет Субиру пред 150 години во 1858 година. Лурд денес е главното светилишта на католиците од целиот свет. Годишно тука доаѓаат околу 6 милиони верници да бараат помош и лек од чудотворниот лековит извор во пештерата.
Во Лурд, Бенедикт Шеснаесетти го повтори повикот од Париз до младите, апострофирајќи го својот претходник Јован Павле Втори, барајќи од нив да не се плашат.
„Не стравувајте, не плашете се да му го дадете вашиот живот на Христос. Ништо не може да ги замени посланиците на господ во срцето на црквата“.
Треба да се знае дека во Франција има се' помалку и помалку католички свештеници, па така француската црква се' повеќе бара свештеници од Африка, но, сепак, најмногубројни се католичките попови од Полска.
|