Британците ќе добиваат информации дали некој бил злоупотребувач на деца
ЛОНДОН - Родителите во Англија ќе можат да прашуваат дали лицето кое има пристап до нивното дете е обвинето за сексуално малтретирање, согласно со новиот пилот-план што започна вчера. Во врска со мерките, полицајците ќе обезбедуваат потребни детали за да предупредат семејства доколку некој поединец кој е близок со нивното дете претходно бил обвинет или осомничен за злоупотреба. Овие обиди започнаа по повиците за воведување на американскиот Меганов закон во Ворвикшир, Кембриџшир, Кливленд и Хемпшир.
Потребата за таков план се наметна по убиството на осумгодишната Сара Пејн од човек кој веќе бил обвинет за сексуални злоупотреби. „Многу сме горди на законот што е во сила за заштита на децата. „Управувано објавување информации за злоупотребувач веќе постои до одреден степен“, изјави министерот за внатрешни работи, Вернон Коукер, за Би-Би-Си. „Во тие обиди, доколку некој поединец има обвиненија за сексуално малтретирања и претставува сериозен ризик, ќе има пресумпција за објавување информации, ако е потребно, и соодветни мерки за заштита на децата“, додаде тој.
Вакви сценарија би можеле да се искористат кога самохрана мајка бара информации за новото момче или родители, згрижувачи и заштитници бараат детали за луѓето кои се во блиски контакти со нивните деца, како што се соседите, па дури и неофицијални спортски настани надвор од училиштата или признати организации. Потоа полицијата ќе биде обврзана да изврши биографска проверка на лицата и да размисли за доставување информации до родителите. Тоа може да вклучува потврда на претходно обвинение за сексуално малтретирање, семејно насилство или осомниченост за злоупотреба на деца. (Би-Би-Си)
|