Од стампедо загинаа 21 лице во Индонезија
ЏАКАРТА - Најмалку 21 лице загина, а неколку се повредени во стампедо во Индонезија, јавија локални официјални лица и медиумите. Стампедото се случило додека луѓето чекале добротворни прилози од богато семејство во градот Пасуруан на Источна Јава. Добротворниот паричен прилог, од околу четири долари по лице, е традиција за време на исламскиот свет месец Рамазан.
На телевизиските снимки беа прикажани жени кои врескаа, бидејќи беа притиснати до ограда од налет на луѓе. Според системот „закат“, богатите муслимани секоја година треба да подарат дел од своите пари на сиромашните. Меѓу насобраните имало неколку илјади луѓе, кои чекале да добијат пари од богато семејство. Некои луѓе колабирале поради недостиг од кислород, а други биле прегазени. Повредените се примени во болница, јавуваат државните новински агенции. Работник од локалната мртовечница, познат како Буди, јави дека повеќето од загинатите се жени. (Би-Би-Си)
|