Замислете желба
Навистина не е важно колку пари имате - можете да направите елка од жица, да подарите албум со стари слики и да се вооружате со позитивна енергија
Валентина Тодоровска
Финците на крајот од старата и во почетокот на новата година се препотуваат во сауни, Австралијците прославуваат во костими за капење, Ирците на големо се налеваат со „гинис“... Оние што ги сведуваат годишните биланси под графата - позитивно, сеедно од каде се и кои се, старата година ја испраќаат честејќи се со патување.
Ние претуруваме од шупливо во празно - просечен Македонец гледа на Нова година и на празнувањето како на ланскиот снег и единствените што веруваат во магијата на најдолгата и највеселата ноќ се децата и младите, „мрсулковци“ кои немаат доволен број години, па преспивањето надвор од дома го сметаат за празник.
Според Татјана Алексова-Славковска, психолог и гешталт-психотерапевт, оние што не можат да се вклучат во предновогодишната еуфорија, најчесто поради пари, својата потреба ја потиснуваат на различни начини.
„Едните постојано истакнуваат дека Нова година е глупост, не е вредна за славење, ниту, пак, им значи, притоа убедувајќи се себе си во кажаната прикаска. Во заднината стои стравот да не разбере околината дека им е криво или тешко што не можат да си дозволат славење. Другите, пак, сакајќи да се заштитат од силното влијание на средината, се повлекуваат во себе, не излегуваат и не контактираат со никого. Но, има и лица кои сосема отворено пред себе си и пред другите го искажуваат својот проблем и чувствата поради немоќта да се впуштат во новогодишното лудило. Тие многу полесно го надминуваат проблемот и подобро се носат со себе токму поради што ја признаваат и прифаќаат ситуацијата“, ни разјасни Алексова.
Сепак... Во деновите пред Новата, како пред секое големо и убаво исчекување сигурно е дека ќе се потсетите на детството, на најдрагите. Тагата и радоста се измешани, ама чувствата се постојани.
Токму затоа со овој прилог сакавме да се обидеме да ја вратиме магијата во вашите срца. Да ве предизвикаме повторно да верувате во чуда!
За почеток, да прошетате до плоштад, да го видите центарот накитен, спастрен - како за пред луѓе. Да се обидете од ништо да направите нешто, да сте си Дедо Мраз за оние што ги сакате.
Сетете се! И најголемите мизантропи во празничните зимски денови омекнуваат. Многумина се подарежливи и најчесто намерно забораваат на своите реални финансиски можности и влегуваат во минус. Се тешат со фразата „еднаш е Нова година!“ како пандан на излитената „еднаш се живее“ .
Нова година значи средување дома, значи елка, лампиони, ама и новогодишна маса, богата и весела трпеза. И можеби, пред и над се', Нова година се подароци и подарување.
Во целиот галиматијас голем е бројот на оние што уживаат во самиот ритуал на предновогодишниот шопинг.
Шопинг, преведено на нашиот јазик значи- две, три другарки, рака под рака, на пауза од работа, ги шетаат дуќаните, ги чешлаат рафтовите, барајќи најчесто „нешто“ што ќе им го поправи новогодишното расположение... Тие персони, независно од годините, при овој чин повторно стануваат девојчиња - првичната возбуда од самата помисла дека ќе купуваат и дека ќе се дружат прави да се чувствуваат како „здружена коалиција на задача“. Многумина стереотипно заклучуваат дека станува збор за типично женска особина, инстант-терапија, а од оваа зависност боледуваат 60 отсто жени. Можете да замислите како тоа изгледа пред Нова година.
Со посилниот пол не е исто - мажите помалку водат сметка за детали и помалку време минуваат низ дуќани. Всушност, додека жените уживаат во бесцелно талкање меѓу закачалките со облека, да најдат продавница со чевли и попатно да тестираат пудра, мажите тргнуваат со мисија. Го лоцираат производот, го купуваат и по најкус пат излегуваат од дуќанот.
Интересна е констатацијата на Стивен Ј. Хоч, професор по маркетинг на американскиот Универзитет „Вартон“, кој вели дека мажите со години се потпираат на она што жените ќе го купат за нив. Интересот на посилниот пол за шопингот едноставно - атрофирал. Нова година им е додатен стрес.
Но, подарувањето и за мажите може да биде интересно. Годинава ви предлагаме, во чекор со сегашниот момент на рецесија, самите да направите подарок, да го завиткате во хартијата наречена љубов и да го подарите заедно со куп искрени и вистински желби за бериќетна Нова! Направете плетени работи за ламба, термостатот претворете го во вазна, накитете поинаква елка од жица...
И замижете. Ако сте фантазер и кикиритките во раката на вашиот човек ќе ви се сторат како најсветкави скапоцени камења.
Среќна Нова година!
|