Македонските ракометари го победија Египет
(24.12.2010г.-09:25ч.) Македонската ракометна репрезентација вчеравечер во салата Кале во Скопје забележа победа во пријателскиот натпревар против Египет 33:29, полувреме 14:13. Ова беше прв од двата пријателски дуели со селекцијата на Египет, која ќе биде учесник на Светското првенство во Шведска што ќе се одржи следниот месец.
Во првите 15 минути од натпреварот двете репрезентации ги испитуваа силите и се менуваа во водство. На серијата на Македонија од 6:1, Египет возврати со серија од 5:0 за водство од 12:10. До крајот на првиот дел нашите репрезентативци сепак ја консолидираа играта и првите 30 минути ги завршија со водство од 14:13.
И на почетокот на второто полувреме се играше изедначено. До 24:24 резултатот беше изедначуван вкупно 17 пати. До крајот на натпреварот Македонија беше попрецизна во нападот и поконцентрирана во одбраната и заслужено стигна до победата од 33:29.
Најефикасни во репрезентацијата на Македонија беа Стевче Алушевски и Кирил Лазаров со по 10 голови, а во репрезентацијата на Египет Авад Белал со 8 голови. (МИА)
|