Мислења
Феноменологија 2
Петар Арсовски
Истите оние што четири години се кријат од дебата како глувци, сега се загрижени за политичкиот дискурс
Пред некое време пишував за фактот дека се' што е нормално во светот - кај нас е исклучок, и обратно, се' што е исклучок во светот - кај нас е нормално. И, се разбира, феномените за кои пишував не само што продолжуваат, туку и се зголемуваат и се интензивираат.
Прво, да ја разгледаме фамата што се крена околу обраќањето на потпретседателот на СДСМ, Зоран Заев. Нападите насочени кон тоа обраќање во голема мера хистерично, но организирано го карактеризираа тој говор како доказ дека СДСМ е во иста ментална матрица како и ВМРО- ДПМНЕ, барем што се однесува до партиските инсталации и вработувања. Сепак, феноменот на тој говор треба да се разгледува од малку поширока перспектива. Имено, факт е дека обраќањето на Заев само ја демистифицира долгогодишната практика на партиско инсталирање во администрацијата што ја прават сите партии во Македонија. Поширокиот проблем, за кој сите партии придонесуваат, но кој овие маријачи го донесоа до зенит, е целосното оголување на политичките механизми, договори и пазарења во општиот политички амбиент. Факт е дека во последните 10 години политиката, генерално, ја губи аурата на мистика и на идеологија, па така сите политички пазари се очајно транспарентни. Ние веќе научивме да не се возбудуваме премногу кога партиите јавно, без никакви огради, ќе почнат да ги пазарат министерските места во владите. Наместо да разговараме за тоа кое кадровско решение би требало да се најде на која позиција, ние сме сведоци на отворени преговори за тоа кое место на која партија и' припаѓа, кое јавно претпријатие ќе го води кој коалициски партнер, и кој партиски функционер ќе се најде во управниот одбор на која фирма. Така, партиите веќе одамна го заменија меритократорниот начин на избирање кадри со отворен политички панаѓур. Во таков амбиент, внатрепартиските поддржувачи веќе не се стремат кон унапредување, туку само кон зближување со раководството, знаејќи дека именувањата немаат врска со способноста. Затоа, лидерите на партиите се под притисок да ги задоволуваат партиските критериуми, наместо реалните. Ако во тој контекст го согледаме партиското обраќање на Заев, тоа останува неоправдливо, но веќе станува разбирливо. На крајот на краиштата, тој говор само јавно ги изнесува механизмите што и досега се применуваат, и тоа многу агресивно, од сите политички партии.
Продолжението на првиот феномен е неговата појавна форма, а тоа е замената на реалната политика со театар. Во последно време сме сведоци дека политичката борба се' повеќе станува борба на политички ПР наместо на политичка понуда. Така, премногу зафатени околу тоа кој ќе ја добие работата, партиите забораваат да си ја сработат работата: позицијата наместо решенија нуди фасада, опозицијата наместо реални алтернативи нуди протести. Затоа, не треба да не' чуди фактот што Собранието се претвора во арена за препукувања и трикови за пред медиумите: тоа е само логично продолжение на амбиентот што моментната политичка гарнитура на власт го создава веќе четири години, а тоа е симптоматскиот, козметички начин на водење политика, во која приказот е поважен од суштината. Имајќи предвид дека таквиот начин на работа веќе метастазира во општиот политички дис��урс, нормално е опозицијата да мора да ја прифати таа игра.
Третиот феномен е прашањето зошто ВМРО ДПМНЕ одби предвремени избори? Ако се анализираат показателите „на прва”, оваа одлука е, во најмала рака, чудна. Прво, рејтингот на власта паѓа во континуитет последнава година. Значи, позицијата реално би тр��бало да се соочи со полоши резултати на редовни отколку на понудените предвремени избори. Затоа, се поставува прашањето зошто оваа комбинација не најде поддршка кај власта. Според мене, во игра се неколку фактори: прво, сметам дека власта е убедена оти ќе може да го задржи, или да го подобри својот рејтинг. Можеби сметаат дека наредната година ќе биде економски поуспешна (сметајќи го тука и заемот на ММФ), можеби сметаат дека завршувањето на проектот „Скопје 2014“ ќе им донесе некој бенефит, а можеби се убедени во својот маркетинг-капацитет, па се надеваат дека со тие алатки ќе можат подобро да се позиционираат. Во секој случај, тие некако пресметале дека шансите во 2012 година им се подобри отколку сега. Во центарот на оваа калкулација доаѓа и спорот за името, кој полека, но сигурно се движи кон наметнато, соопштено решение. Меѓународната заедница сигурно сега не сака политички потреси, кога веќе четири години инвестира во можниот компромис со сегашната власт, особено што која било наредна влада ќе има помал политички капитал за компромис, плус мора да ја вклучи ВМРО-ДПМНЕ во какво било решение, па дури и од опозиција.
Маријачите се пресметале во следниве работи: прво, рејтингот е инертен механизам што не се превртува за една година, па макар и во таа да цветале рози, и, второ, и најдоброто решение за името (име со географска определба без промена на Уставот), нема да помине како успех дома, зашто нема да се продаде како варијанта на двојната формула. Забораваат дека договорениот компромис ќе мора да има некоја меѓународна заклучница, како, на пример, препризнавање на државата под новото име од страна на САД и нејзините сојузници. Така, маријачите ќе бидат смешни кога тој нивни дебакл ќе се обидат да го продадат како победа.
На крај, кога ќе се погледнат сите смешни феномени што маријачиве ни ги приредуваат, не е чудно зошто нивниот рејтинг ќе продолжи да тоне. Тие, пак, се одважија и проговорија зошто во последно време не им одело најдобро: немало јавна дебата, ете не можеле да ги соочат мислењата со опозицијата. Богами! Истите оние што четири години се кријат од дебата како глувци, сега се загрижени за политичкиот дискурс. Еве да ги подучам: нека кажат каде, кога и со кого од опозицијата би се сретнале на дуел или дебата. Сигурен сум дека опозицијата без проблем ќе прифати.
(Авторот е магистер по политичка комуникологија) |