Работниците под пресија, мобингот удара како камшик
Проблемот тешко ќе се реши ако не се донесе закон за мобинг, бидејќи единствено така работникот ќе ја има потребната заштита
Маја Томиќ
Психичките малтретирањата на работните места станаа секојдневје, а проблемот се чувствува на двете страни, и кај работниците и кај газдите, при што губат сите. Од една страна, се нарушува здравјето на работниците кои се жртви на мобинг, а од друга страна, токму нивната намалена концентрација и работоспособност ја намалува и нивната продуктивност, што ги погодува нивните работодавци. На крајот, поради овој заокружен систем на паднат работен морал, штета трпи и целата заедница.
Токму затоа Синдикатот реши повторно да се активира во борбата против психичкото насилство врз работниците, или мобингот. Промените во раководството во ССМ што се случија годинава ги закочија активностите против мобингот, започнати пред околу една и пол година. На старата постава на Синдикатот не и' успеа да го протурка во собраниска процедура посебниот закон за мобинг, поради слабата поддршка од политичките партии. Поради тоа, деновиве ССМ реши пак да го актуализира проблемот, кој тешко ќе се реши ако не се донесе закон за мобинг, бидејќи единствено така работникот ќе ја има потребната заштита.
ССМ и Синдикатот на финансии го промовираа проектот „Антимобинг-мрежа - МК“, кој предвидува формирање национална мобинг-мрежа. Целта е да се подигне свеста кај работниците и кај работодавците и да се изнајдат механизми за заштита од психичкото насилство врз работниците во државава. На овој проект ќе работи посебен тим од претставници на синдикатите, од науката и од работодавците, кој ќе има за задача да формира национална антимобинг-мрежа. Се отвори и канцеларија за жртвите од мобинг во кои тие ќе можат да добијат советодавна и друг вид помош. Освен тоа, до крајов на месецов се планира отворање телефонска СОС-линија во ССМ, која ќе работи два пати неделно. Веќе е дистрибуиран прашалник до сите гранкови синдикати и се очекува наскоро во Синдикатот да се соберат сите пристигнати информации што ќе бидат јавно објавени потоа.
Според претседателот на Синдикатот на финансии, Гоце Селовски, оваа акција има цел да ги намали штетите од мобингот врз работниците што влијае лошо врз нивното здравје и работата, но и врз работодавците и државата, воопшто.
„Мобингот станува сериозен проблем секаде во светот, па и Македонија не е исклучок. Не' очекува голем труд во борбата против ова општествено зло“, изјави Гоце Селовски.
Претседателот на ССМ, Живко Митревски, смета дека е потребно поскоро да се почне со процедура за носење посебен закон за мобинг, а веќе изготвениот предлог-закон наскоро да се предложи на седница на Економско-социјалниот совет.
„Сведоци сме дека малтретирањата на работните места станаа секојдневје, што го покажа и анкетата што ја направивме со фондацијата ’Фридрих Еберт‘. Проблемот се чувствува на повеќе страни. Не е во прашање само нарушеното здравје на работниците, туку трпат и работодавците поради намалената продуктивност, како и целата заедница. Затоа ССМ активно се вклучува во ’Антимобинг-мрежата – МК‘ и ќе дава целосна поддршка“, вели Митревски.
Лани ССМ ги презентира резултатите од пилот-истражување во приватниот и во јавниот сектор, со цел да се види дали има мобинг во земјава. Од 510 анкетирани лица, 41 отсто се изјасни��е дека се жртви на мобингот и дека имаат здравствени проблеми поради тоа. Триесет отсто рекле дека трпат политички притисоци, 14 отсто рекле дека биле под притисок поради потеклото, а по 5 отсто од анкетираните соопштиле дека трпеле сексуално и физичко малтретирање на работното место од претпоставените. Тоа беше првото истражување од таков вид, а се издаде и едукативен прирачник во соработка со „Фридрих Еберт“ и Македонското мобинг-здружение.
Мобингот е модерна цивилизациска болест, присутна кај нас од транзицискиот период. Резултира со големо ментално и социјално страдање на работникот и проблеми во неговото нормално функционирање. Целта на лицата што вршат мобинг, таканаречени мобери, најчесто работодавци или други претпоставени, е преку разни притисоци да предизвикаат елиминирање на работниците од работното место или да ги прогласат за неподобни.
Во ЕУ е донесен посебен закон за мобинг уште во 1876 година. Во САД ваков закон има од 1964 година. |