Пропаѓа ХПВ-вакцинацијата кај девојките
Од институтите за јавно здравје велат дека месечно некогаш не се појавува ни една девојка за вакцина
Јасмина Јовановска
Имунизацијата кај девојчињата со ХПВ-вакцината пропаѓа и не е исклучено дел од вакицините да се фрлат зашто на некои од нив рокот за употреба им истекува во 2011 година. Процените се дека речиси половината од нарачаните 72.000 дози може да завршат на ѓубриште. На овој начин државата би била оштетена за околу 2,5 милиони евра ако се знае дека тендерот за ХПВ-вакцините чинеше околу 5,3 милиони евра, пари кои, како што тврдат од Министерството за здравство, веќе се исплатени. На можно фијаско со ХПВ-вакцинацијата предупредуваат од неколку институти за јавно здравје, каде што со може да се имунизираат девојки до 26 години. Според неофицијални информации од неколку институти, во текот на еден месец се случува да не се појави ниту една девојка за да се вакцинира против ХПВ-вирусот. Пропаѓањето на овој проект не можело да се спречи ни со акцијата со ХПВ-вакцина да може да се вакцинираат и девојки над 26 години.
Да не е редовното вакцинирање на девојчињата на 11 и на 12 години, овој нов вид вакцинација комплетно ќе пропадне. Но, и оваа вакцинација по основните училишта не се одвива така како што сака да прикаже Министерството за здравство. За да се подобрат резултатите во вакцинирањето, не ретко девојчињата се вакцинираат на препад, под превезот дека е редовна вакцина без да се каже која, или дознаваат дури откако ќе им биде впишана во картончето за имунизација. Таков беше случајот со едно беровско училиште. Па, не е ништо чудно кога се вели дека со имунизацијата се вакцинираат и до 95 отсто од предвидените девојчиња.
Од Министерството за здравство признаваат дека ХПВ-вакцинацијата по институти не се одвива добро и спасот го бараат во нова кампања. „Потребно е повторно да се направи кампања за важноста на ХПВ-вакцината за се привлекло вниманието на девојките“, вели д-р Јованка Костовска, раководителка на превентивниот сектор во Министерството за здравство. Според Костовска, само на дел од вакцините им истекува рокот во 2011 година и тоа некаде есента, а дотогаш има време да се потрошат.
Ни со претходните кампањи Министерството за здравство не успеа да ги натера девојките да се вакцинираат со ХПВ, па од институтите велат дека многу нема да помогне ни нова кампања.
Д-р Костовска немаше точен податок колку вакцини се останати, но смета дека се потрошени околу половина од нарачаните. Ни од Министерството немаат точен податок колку дози се потрошени досега иако вакцинацијата тече од октомври 2009 година. „Валидни податоци за опфат за сите вакцини, па и за ХПВ се добиваат на крај од годината, за претходната. Во почетокот на 2011 година ќе имаме податоци за опфат за 2010 година за сите вакцини. Потребно е да почекаме да ги добиеме податоците, по што ќе информираме. А од досегашните сознанија и посетите на терен, опфатот со ХПВ-вакцина постојано се зголемува, а во одделни градови достигна и 90 отсто“, велат од Министерството за здравство. Но, оттаму не ни соопштија во кои градови опфатеноста со ХПВ-вакцинацијата е околу 90 отсто.
Во врска со тоа, стручните мислења беа поделени, посебно околу возраста кога таа да се прими и колку штити од ХПВ-вирусот. Едни сметаат дека треба да се прими од 9 до 13 години за девојчињата да може да стекнат имунитет додека станат сексуално активни. Други мислат дека девојките треба да се вакцинираат над 13 години зашто додека почнат со сексуалниот живот, имунитетот против ХПВ-вирусот ќе им се намали. Дотолку повеќе што вакцината е нова и не се знае колку точно години ќе штити по апликацијата.
|