Хуманитарна елка
Граѓаните во акција „Од децата за децата“
Во духот на божикните и новогодишните празници „Веро центар“ организира хуманитарна донаторска акција намената за дечињата на кои најмногу им е потребна помош. За таа цел, викендов во „Веро центар“ беше поставена голема новогодишна елка украсена со играчки од „Џамбо“, кои „Веро“ ќе ги донира за сите оние дечиња што останале без толку посакуваниот новогодишен подарок.
За да биде донаторската акција помасовна и воедно што повеќе деца бидат опфатени, „Веро“ упатува апел кон оваа акција да се приклучат сите хумани луѓе, оние што би сакале да им подарат нешто на дечињата од С.О.С Детско село и од Домот за доенчиња и мали деца од Битола.
„Божикните и новогодишните празници се ближат, а со тоа и желбата да ги израдуваме најблиските, посебно најмладите членови на семејството со подароци. Но, не секое детенце годинава ќе може да се израдува на даровите под елката, затоа се решивме на оваа акција каде што заедно со граѓаните ќе собереме што повеќе подароци и ќе ги измамиме насмевките на тие дечиња. Ова се празници што не' асоцираат на дарување и затоа ги повикуваме сите семејства што имаат играчки во својот дом, кои нивните најмали повеќе не ги користат, да ги донесат во ’Веро центар’ за да на некое друго детенце му донесат многу среќа и радост“. изјави Костас Теодосијадис, генерален директор на „Веро“.
Под новогодишната елка се поставени големи пакети каде што сите хумани посетители ќе можат да го остават својот подарок или да донираат стари играчки, кои се зачувани, покажувајќи ја на тој начин својата хуманост. Воедно, за сите што ќе дојдат во „Веро центар“, овозможени се дополнителни активности, како што се театарски претстави, детско лизгалиште, а тука ќе биде и неизбежниот Дедо Мраз.
Оваа акција ќе трае се' до Василица кога се планира подароците да им бидат поделени на дечињата и со тоа да се заокружи оваа акција. |