ЕДИТОРИЈАЛ
Скапо, поскапо, најскапо
Александрија Стевковска
Новата година, која е на праг, ни носи грст желби за поубави денови, надеж дека во 2011 година ќе имаме повеќе пари, љубов, среќа. Но, реалноста покажува дека годината што ја очекуваме и што треба да значи нов животен почеток, ќе значи и ново поскапување на животот. Најавените повисоки цени на бензините, струјата, парното, храната ќе го запалат и онака тенкиот стандард на граѓаните, кои и сега едвај сврзуваат крај со крај. Новите цени на дел од производите и услугите ќе бидат само иницијална каписла за поскапување на сите останати производи, бидејќи се' што се произведува или увезува мора некако да стигне до луѓето, а тоа значи повисоки цени на транспорт, откуп, продажба. Тоа, пак, од своја страна ќе значи поголеми трошоци, кои ќе се вкалкулираат во цените, чиј цех ќе го платат граѓаните.
Дека храната има нагорен тренд на движење на цените, тоа веќе сите го знаеме. Тој трае речиси две години, поточно од почетокот на светската економска криза и беше само прашање кога ќе се одрази и врз останатите цени. И токму деновиве стигна новогодинашата честитка. Идната година ќе ја започнеме со поскапо греење, поскапа струја, како што впрочем ја започнавме и оваа година, и онаа пред неа. Добар почеток на годината, ама за оние што ќе ги олеснат паричниците на граѓаните преку испорачување нови подебели сметки. За граѓаните не останува ништо, дури и недостигаат пари за да се покријат сите животни потреби.
Поскапувања на сите страни, а платите остануваат исти. Поточно, тие статистички фиктивно се зголемуваат, додека реално се намалуваат, бидејќи со истата плата ако лани сме пазарале повеќе производи, сега со истата сума може да се купи само половина од потрошувачката кошница. Тоа значи дека парите губат вредност и тоа е тенденција што трае и трае. Во ваков еден вител на нови повисоки цени, се' потешко се живее. И ако луѓето можат да преживеат со старото плато или панталони, па и чевли, ако не се скинати, тие не може да преживеат без храна, парно, електрична енергија. Тоа се трошоци што секој од нас мора да ги понесе самиот доколку сака да преживее. Логично се наметнува прашањето дали мора сите непријатни најави за поскапувања да се испорачуваат токму пред Нова година и дали тие имаат мисија да го издишат ентузијазмот, кој секој од нас го поседува на завршетокот на една година и пред старт на наредната? Зошто, на крајот на краиштата, некој не не' израдува со најава дека од идната година некои цени ќе се намалат? Добро, факт е дека од почетокот на идната година некои цени ќе паднат, но само оние на облеката. Нели по новогодишната еуфорија, вообичаено, кога ќе се исцедиме од празнувањето, како кец на десетка доаѓаат попустите. Но, што ќе ни се и тие кога и паричниците и кредитните картички се празни како никогаш во текот на годината и кога попустите не не' радуваат многу, бидејќи се повеќе на хартија отколку реални. И додека ги чекаме, ако ги чекаме, попустите на облеката, безмилосно се трошат сите резерви на пари за да се испазари нешто, бидејќи од кај знаеме дали производот што ни е потребен за десетина дена нема да биде поскап. Како и да е, поскапувањата станаа дел од нашето секојдневје, со кое сите ние некако се справуваме, некои полесно, некои потешко. А на крајот, зарем не е добра новогодишна желба да посакаме „Топлификација“ или ЕВН да се откажат од најавените поскапувања и барем една Нова година да ја започнеме со стари цени? Но, сите знаеме дека и Дедо Мраз не може да ни ги исполни сите желби. |