Интервју
Даночната амнестија не е според мој вкус
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии
Тој проект е идеолошки крајно контроверзен. Парите не се неважни во животот, но, за мене, поважни се општествените и лични морални норми
Александрија Стевковска Соња Маџовска
Буџетот за 2011 е веќе донесен, падна и договор со ММФ. Годинава сите економски документи како да беа набрзина донесени. Дали тоа значи дека се сака што побрзо да се преброди годинава и пооптимистички да се влезе во Новата година?
Годинава буџетот се донесе порано од другпат заради следниве цели: прво, буџетските корисници порано да ги почнат подготовките на проектите за од први јануари 2011, кога стапува во сила новиот буџет, да се започне со негова реализација, и второ, информациите за фискалната политика и планираните капитални проекти за 2011 навреме да стигнат до приватните фирми и банките, со цел тие да можат навреме да ги подготват своите планови за следната година. Ова е европска практика, која, за жал, досега не се применувала кај нас. Затоа планираме следната година уште порано да почне и да заврши буџетскиот процес, а буџетот за 2012 да помине на Собрание најдоцна до крајот на октомври 2011 година.
По три години храбро спротивставување, се затропа на вратите на ММФ и се побара помош од нив. Зошто токму сега кога најтешката година ја поминавме без нив?
ММФ во септември 2010 излезе со нов инструмент, „Отворена кредитна линија за претпазливост“, и тоа е единствената причина зошто Владата сега се реши за ММФ. Тоа е класичен безусловен кредит што им се доделува на земји со здрави економски политики, низок дефицит, низок јавен долг, стабилен девизен курс, низок платнобилансен дефицит, квалитетна монетарна и фискална политика, здрав финансиски систем итн. ММФ само бара овие здрави политики да продолжат во иднина. За разлика од тоа, класичните стандбај-аранжмани, кои ги имаат земјите со лоши економски политики, вклучуваат „полутуторски“ однос, кој не ретко содржи тешки мерки, како што се зголемување на даноците, намалување на платите и на пензиите, отпуштања од работа итн., Македонија немаше потреба од таков стандбај-аранжман и такви мерки, бидејќи се справивме со кризата на добар начин и затоа немавме склучено таков аранжман со ММФ во изминатите години. Но, сега имаме одлична понуда со новиот инструмент на ММФ, отворена кредитна линија во износ од 480 милиони евра и нема причина да не ја искористиме. Не само заради парите, туку и заради довербата и сигналот што се испраќа од ММФ кон инвеститорите, со поволните оцени за справувањето со кризата и општиот квалитет на економските политики на Владата. Тоа ќе помогне и за подобрување на условите за македонската еврообврзница или за други алтернативни извори на финансиски средства од странство.
Постојано давате општи формулации за тоа дали ќе се земат тие пари и како ќе се трошат. Дали сега може да кажете за што Владата има виза да ги потроши тие пари?Дали со нив ќе се враќаат долгови или, пак, ќе се инвестира во нешто конкретно?
Смислата на отворената кредитна линија за претпазливост е да може да се користи за сите буџетски потреби ако дојде до потреба да се користи. Значи, базичното сценарио е дека земјата има добра и стабилна макроекономска ситуација и пристап до пазарите на капитал, како преференцијална опција за финансирање. Но, ако поради каков било екстерен или интерен шок не можат да се обезбедат средства под поволни услови од овие пазари, а гледаме какви се непредвидливи условите во еврозоната, тогаш можеме во секое време да повлечеме средства од кредитот од ММФ и тие средства можеме да ги користиме за сите намени, вклучително капитални инвестиции, отплата на поскапи долгови итн. Значи, имаме гаранција, обезбедени средства за подготвени да ја дочекаме секоја евентуална ситуација.
Стопанствениците Ви беа лути поради доцнењето со исплата на извршените работи. Од друга страна, велевте дека обврските редовно си ги сервисирате. Дали сега се чисти сметките со фирмите?
Кризата донесе предизвици и за буџетот и за стопанството, кои се надминуваа со мерки што беа адекватни за тоа време. Се даде можност за пролонгирано и плаќање на рати на старите обврски, се обезбедија 100 милиони евра евтини кредити преку ЕИБ, се одржуваше низок дефицит и високо ниво на капитални инвестиции, се' во корист на стопанството. Македонија е една од малкуте земји во Европа, која во текот на овие две кризни години не посегна по зголемување на даноците и на придонесите, и тоа е најголема можна поддршка на стопанството. Даноците во Македонија останаа на најниско ниво во Европа, а вкупното оптоварување со даноци и придонеси е четврто најниско во Европа. Тоа треба да се потенцира. Тоа е даночната политика на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата, ниско даночно оптоварување, помали трошоци за фирмите, предвидливост и стабилност на даночните стапки. Тоа го бараа фирмите во 2006 , тоа им го ветивме и тоа го реализиравме. Конечно, можам уште еднаш да ви потврдам дека и во вакви сложени услови, државата редовно ги исплаќа обврските кон фирмите по сите основи.
Опозицијата критикуваше дека буџетот за идната година нема да се оствари и дека буџетскиот дефицит ќе се продлабочи. Колку, според Вас, е реална неговата остварливост?
Две години откако започна кризата, постојано слушаме апокалиптични сценарија од опозицијата. Прогнозираа девалвација, огромен дефицит, масовно пропаѓање на фирми, масовни отпуштања од работа, три-четири ребаланси годишно итн. Што се исполни од тоа, јавноста нека цени. Дека имавме предизвици и поминавме низ тешки времиња, никој не може да спори. Но, сега, две години подоцна, фактите покажуваат дека опозицијата не беше во право за многу работи. Дали тоа го зборуваа од нестручност или од политички причини, не е ни важно, но важно е дека нивните сценарија не се исполнија. И добро е за Македонија што не се исполнија, односно што се исполни она што ние го зборувавме: „Ќе биде тешко, но ќе се извлечеме од кризата со најмали можни последици“. Замислете што ќе зборуваше опозицијата во Македонија ако имавме дефицит од 6 до 8 проценти, како повеќето европски земји, намалувања на пензии и плати, зголемување на даноците... Ние го избегнавме сето тоа. Но, ако СДСМ не признава, граѓаните и стопанствениците знаат да проценат кој како ја води економијата. Тие следат што се' случува во други земји, знаат да направат разлика.
Најдобар пример за непринципиелноста на опозицијата е дискусијата за буџетот за 2011 година: предложивме буџет во кој капиталните инвестиции се зголемуваат за цели 31 отсто! Пораст за 31 процент само во една година е фантастична промена на структурата на буџетот. И на што наидовме од СДСМ во Собранието? Истата непродуктивна и неинвентивна реторика, како ништо да не се сменило во буџетската структура. Тоа е непринципиелност, дури и во бруталниот политички контекст. Ќе беше доблесно некако да ја поздравеа оваа промена. Што се однесува до реалноста на буџетската проекција, таа е потврдена и од ММФ, но и од фактот што буџетските приходи и расходи растат колку што е порастот на номиналниот БДП. Тоа е класика во буџетското планирање и никој сериозен економист не може да го оспорува.
И годинава и в година во буџетот се резервирани пари за „Скопје 2014“ наместо за продуктивни цели. Колку, според Вас, ќе бидат оправдано потрошени парите за овој проект во вакво кризно време?
Буџетот за 2011, како и претходните буџети на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, обезбедува повеќе пари за многу области, не само за културата, за изградба и реконструкција на патишта двојно повеќе од 2005 година, за здравство 5 пати повеќе, за земјоделски субвенции 20 пати повеќе, за образование двојно повеќе, а иста е и состојбата во однос на средствата за безбедноста на земјата, изградбата на спортски објекти, казнено-поправни установи, слободни економски зони или која било друга област. Пред кризата, да потсетам, зголемивме плати и пензии, ги зголемивме социјалните надоместоци, имаше пари за бањско лекување и рекреација на пензионерите, по десет евра за социјалните случаи за плаќање на електричната енергија, за станови за војската, опрема од 90 милиони евра за болниците, бесплатни учебници и превоз за учениците, водоводи и локални патишта за општините, купување амбасади, промоција на земјата на најпознатите светски медиуми, субвенции за носење странски туристи, сали за училиштата... Најдете една единствена област во која не се зголемени средствата двојно, тројно, повеќекратно. Инвестициите во изградба на објекти од културата или проектот „Скопје 2014“ треба да се анализираат во овој контекст, значи има повеќе пари за сите области, вклучително и културата. Во тие проекти се ангажирани наши македонски фирми, од тие проекти вадат леб илјадници семејства на наши македонски градежни и други работници. Овие проекти во најголем дел се започнати пред кризата и се повеќегодишни проекти во кои финансираат и општините. Конечно, да потсетам дека најлоши и најскапи инвестиции се недовршените. Како, на пример, Бранковата споменик-пруга кон Бугарија, поточно запустените бетонски и железни профили меѓу Куманово и Крива Паланка, кои не служат никому. Освен можеби на оние што сакаат да видат како изгледа во реалност, инаку имагинарниот поим „политичка неодговорност“. Тоа се фрлени пари.
Ќе се носи ли закон за даночна амнестија, што мислите за таа можност. Дали сметате дека на тој начин во земјава ќе се вратат парите што се одлеани од земјава, најмногу во процесот на приватизација?
Тој проект не е според мој вкус. Идеолошки е крајно контроверзен, а и не верувам дека реално би донел финансиска корист за земјата. Парите не се неважни во животот, но, за мене, уште поважни се општествените и лични морални норми. Затоа не сум поборник на оваа идеја. Но, демократски е да се издискутира и да се проанализира од сите аспекти, како и секоја друга идеја. Тоа ќе и' овозможи на Владата да донесе правилна одлука.
Дали Министерството има увид за колкава сума станува збор, бидејќи во јавноста се врти бројка од 5 милијарди евра?
Не, нема. Тоа се најобични шпекулации.
До каде е истрагата со случајот „Перо Наков“ б.б., со оглед на тоа дека институциите што го истражуваат се под ваша надлежност?
Истрагата е во тек и поради тоа не би можел да коментирам повеќе во однос на ова прашање.
Ќе одите ли до крај и кога може да се очекува разрешница на случајот?
Дали ќе се оди до крај не е и не смее да биде прашање на нечиј избор. Има закони што се обврзувачки з�� сите и тие во една држава во која функционира правото мора да се спроведат.
До пред извесен период бевте чест гостин во А1, која сега Вас и Владата остро Ве напаѓаат. Која е причината за сегашното непријателство?
Нема непријателство, ниту пријателство. Ние сме јавни личности, имаме право, но и обврска да ја информираме јавноста за политиките на Владата и ресорите за кои сме надлежни. Зависно од темите и интересот на медиумите, во одделни фази сме поприсутни или помалку присутни на одделни медиуми. Но, секогаш кога има интерес за некоја информација, тоа мора да се испочитува. Така било и така мора да биде во еден демократски амбиент, во кој медиумите играат значајна улога. Се разбира, професионалноста мора да биде почитувана од двете страни.
Во изминатите денови во јавноста протекоа информации за платите на вработените во А1, според кои, речиси сите новинари дел од платата ја примале на рака, дел на сметка. Дали ги проверивте тие информации, од каде се тие протечени и што ќе преземете?
Тоа е работа на институциите. Да им оставиме доволно простор и време да ја завршат работата професионално. Кога се' ќе е готово, надлежните институции имаат обврска детално да ја информираат јавноста за овој случај, со цел секој да ги има релевантните информации и да оформи свое мислење.
Господине Ставрески, стриктно не се изјаснувате дали сте заинтересиран за гувернерската позиција, освен што велите дека таа е една од трите најзначајни во државата. Дали, сепак, размислувате и ја посакувате оваа функција?
Да, тоа е една од трите најзначајни функции во државата. За другиот дел од прашањето - сепак, ќе треба уште малку трпение.
Каде планирате да ги поминете новогодишните празници, дали купувате подароци и со што ќе ги изненадите најблиските?
Дома, со семејството, а ќе ги посетиме и родителите од двете страни. Кога човек извршува ваква функција, празниците околу Нова година и Божик се единствениот период кога семејството може да биде подолго заедно, да се посветиме себеси и на најблиските. Јас, искрено, не сум многу по купувањето подароци, повеќе со збор и дела ја искажувам љубовта кон ќерката и сопругата.
Но, секако, некој подарок за најблиските ќе има. Ако ветите дека ќе ја чувате тајната за да биде изненадување, ќе ви шепнам и што: прво, мора да биде македонски производ, за во овие посткризни времиња и низ ваков пример да ја поддржам македонската економија. За сопругата Антонета, наслушнав пред некој ден кога и' кажуваше (поточно и' се фалеше) на една наша пријателка, Македонка, која живее во Вашингтон, какви убави капути од македонско, попрецизно, од штипско производство се продавале кај нас и тоа по багателна цена од 6.000-7.000 денари, така што сега ја имам идејата, ми останува само да ја погодам бојата.
За ќерката Кети, три помали, но послатки подароци: една кутија македонски крем-банани, една книга за божикните празници од македонски писател и најтопли, најмиризливи и највкусни печени костенчиња подготвени по сите ХАСАП-стандарди од премрзнатиот продавач на градскиот плоштад во Скопје.
Подароците, секако, одат со искрена желба и уверување дека 2011 ќе биде за сите нас подобра година! |