Скопскиот маратон на 9 мај
Се вршат последните подготовки околу организацијата за одржување на Шестиот традиционален скопски маратон кој е закажан за 9 мај по улиците на Скопје. Покровители на маратонот се градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, специјалниот претставник на ЕУ и шеф на делегацијата на Европската комисија, Ерван Фуере, и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Диме Спасов. Организатори на шестиот традиционален скопски маратон се Сојузот на спортови на Скопје во соработка со Атлетската федерација на Македонија и АК Работнички.
Веќе се испратени покани за учество на нивните атлетичари во 22 држави од Европа и од Африка. Како што сме известени од организаторот веќе пристигнаа првите пријави од Финска, Австрија, Холандија, Србија, Хрватска, Бугарија, Словенија, Романија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Унгарија, Италија и од Кенија.
Годинава на маратонот се очекува да настапат неколку познати маратонци од Европа и од Африка и според сите прогнози тоа ќе биде најквалитетниот маратон што досега е одржан во Македонија. Патеката за главниот маратон од 42 км ќе води од Ново Лисиче па се' до Ѓорче Петров, а целта ќе биде на плоштадот Македонија. Покрај главниот маратон на програмата е и полумаратон во должина од 21 км, а ќе се одржи и хуманитарна трка на 5.000 метри. Целиот приход ќе биде наменет за Клиниката за детски болести во Козле. Се очекува годинава на трите маратона да настапат околу 2.500 учесници. (М.М.) |