Кина тагува по Самаранч
Кина тагува поради смртта на Хуан Антонио Самаранч, потсетувајќи се на „добриот пријател“, кој го олесни нејзиното враќање во олимпиското движење и кој беше инструмент за исполнување на нејзиниот „стогодишен сон“ за организирање Олимпијада. Самаранч, кој почина во средата на 89-годишна возраст, го предводеше Меѓународниот олимписки комитет од 1980 година, кога Кина се врати во олимписката организација по повеќе од две децении, до 2001 година, кога Пекинг ја доби организацијата на ОИ 2008. Кинезите освоија најмногу медали на тие игри, зацврстувајќи ја својата позиција на најголема светска спортска сила.
Кинескиот претседател, Ху Џинтао, вчера испрати порака со сочувство до ИОК и до семејството на Самаранч, чест вообичаено резервирана за шефови на држави.
„Господинот Самаранч беше стар и добар пријател на кинескиот народ“, се вели во пораката на Џинтао, „тој даде голем придонес за враќањето на Кина во ИОК, за експанзијата на размената и на соработката меѓу ИОК и Кина, како и за кинеско-шпанското пријателство, што ние никогаш нема да ги заборавиме“.
И покрај тоа што отсуството на боја во кинеските весници и на веб-сајтовите со вести требаше да го означи официјалниот ден на жалост за жртвите од неодамнешниот земјотрес во Чингхаи, смртта на Самаранч доби опсежно покривање.
„Шокиран сум од веста. Многу сум тажен. Како спортска личност, тој го водеше олимпиското движење до нов врв, до нова ера“, изјави за државната телевизија Денг Јапинг, повеќекратен олимписки шампион во пинг-понг.
„Загубивме голем лидер, но мислам дека неговиот дух ќе не' води и понатаму кон развој на олимпиското движење. Тој помогна ние Кинезите да си го оствариме стогодишниот сон“, додава 37-годишникот, кој негуваше топло пријателство со Самаранч, и покрај разликата во години меѓу нив.
Самаранч, член на ИОК од 1966 година, пројави засилен интерес за Кина и на Олимпијадата 1984 во Лос Анџелес лично му го врачи златниот медал на првиот кинески олимписки првак, стрелецот Ксу Хаифенг. Шпанецот исто така силно лобираше кинескиот главен град да стане домаќин на Олимписките игри во 2000 година, кога Пекинг беше победен од Сиднеј, и повторно за ОИ 2008. Еден од неговите последни чинови како претседател беше објавувањето на успехот на вториот о��ид, кој предизвика огромно славење во Кина.
„Господинот Самаранч ја поддржа Кина при враќањето на нејзиното место во ИОК и се залагаше Кина да игра поголема улога во меѓународните спортски односи“, изјави Хе Женлијанг, член на ИОК познат како „Господин Олимпијада“ поради својата долга служба во движењето, за весникот на Комунистичката партија „Народен дневник“. „Меѓународното олимписко движење загуби голем водач. Кинескиот народ загуби добар пријател. Јас лично загубив близок колега и брат“. |