Фени И. во финалето против Вардар О.
Кавадарчани, конечно, победија на гости кај Торус за вкупна полуфинална победа од 3:1
Со вкупна победа од 3:1 над Торус, Фени индустри се пласира во финалето од кошаркарскиот плеј-оф, каде што ќе се сретне со Вардар осигурување.
Кошаркарите на Емил Рајковиќ успеаја да ја остварат својата прва победа на гостувањето кај Торус тогаш кога беше најпотребно (82:74). Иако, со огромни падови во играта (првата четвртина ја добија со 23:9, а втората ја загубија со 18:27), кавадарчани, сепак, одиграа онолку колку што им треба за да дојдат до финалето.
Двоецот на Торус Караџовски - Опачиќ , кој досега му задаваше најголеми проблеми на Фени, одигра без свежина и без нивниот стандарден скор, поради што тимот на Борис Нешовиќ немаше што да бара на овој натпревар. Караџовски ги одигра сите 40 минути во кои постигна 17 коша, а Опачиќ во 16,5 минути игра не реализираше ниту еден поен. Најефикасен кај Торус беше Тадиќ со 29 коша.
Кај Фени И. дури четворица имаа двоцифрен број поени. Михајловски реализира 18, Богоев 14, а Поповиќ и Брчков по 13.
Финалната серија почнува на 28 овој месец на теренот на Вардар Осигурување и тоа со предност за кавадарчани од 1:0, поради подобриот скор во регуларниот дел од сезоната. |