Број 3265  петок, 23 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин

Site Meter
Спорт

Кој ќе трча на атлетската патека во Охрид

Ситуацијата во кралицата на спортовите е катастрофална. Дали осумте нови патеки во Охрид се зрак надеж

Миодраг Мицковиќ

Македонија за првпат во својата историја доби модерен атлетски објект со осум патеки, со сите други придружни објекти на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Осум патеки изградени по сите светски стандарди на Меѓународната атлетска федерација на кои ќе можат да се организираат балкански првенства, клупски европски шампионати, меѓународни митинзи. На неа малобројните атлетичари во Македонија ќе можат да ја почувствуваат модерната патека на која ќе можат да ги соборуваат националните рекорди, да постигнуваат одлични резултати без страв дека ќе можат да се повредат.

Досега во Македонија, имаше само три атлетски објекти и тоа со шест патеки. На стадионот „Филип Втори“, на Градскиот стадион во Велес, и пред да се изгради новата,
модерната, и во Охрид. Но, патеките беа руинирани, со години не беа одржувани, немаше никакви други придружни објекти. Патеките за скок во далечина и трискок беа „тврди“, на кои наместо рекорд скокачите полесно можеа да заработат повреди со оглед дека со години не е менувана подлогата (песок) на скокалиштата.

Изградбата на новата атлетска патека во Охрид ја покажа катастрофалната положба на „кралицата на спортовите“ во Македонија како што ја нарекуваат атлетиката која тивко „умираше“ обременета со многу проблеми од финансиска природа, недоволен стручен кадар и мал број атлетичари кои можеа на прсти да се избројат.

Згаснаа атлетскиот центар Битола, град од кој потекнуваат едни од нашите најдобри атлетичари Вера Велјановска и Стевче Георгиевски. Во Македонија денес ниту еден атлетичар не скока со стап, една од најинтересните атлетски дисциплини. Велат нема услови, нема душеци. Никој не фрла кладиво, не се трча исто така мошне атрактивна дисциплина - 3.000 м стипл-чез. Кај жените досега никој и не скокнал со стап, не скокаат ниту трискок. И да не набројуваме што се' нема.

Ќе биде малку смешно ако напишеме дека Ѓорѓи Вучков, тренерот на еден од најдобрите клубови, меѓу малкуте што ги има активни - „7 Мај“ – се' уште го држи македонскиот рекорд во трката на 3.000 м и стипл-чез: 9:10,04 постигнат во далечната 1972 година в�� Белград.

Во Македонија има регистрирано 27 клубови, активни десетина, можеби ни толку. Некои од нив само со по неколку атлетичари и тоа во дисциплините на куси патеки бидејќи немаат услови за фрлање копје, диск, за кладиво или скок со стап и да не говориме.

„Многумина и не знаат со какви проблеми се бориме“, беа првите зборови на Ѓорѓи Вучков. Никој нема да поверува дека моите атлетичари се соблекуваат на трибините на арената ’Филип Втори‘. „Немаме соблекувална, можете да замислите како се чувствуваат кога онака испотени, по напорните тренинзи си заминуваат дома без топол туш, често и измрзнати кога тренираат во студените денови. Деновиве, поради реконструкцијата на Јужната трибина, на располагање имавме само три патеки, другите се оградени. За патеката и да не говорам, дупчиња до дупчиња, за скокалиштата за скок во далечина и трискок, исто така. Како да скокаш на камена подлога, песокот не е сменет со години. Ништо подобра не е и положбата со атлетичарите на Работнички, заедно тренираме. Порано, носители на атлетиката, не само во Скопје, туку и во Македонија беа Вардар и Скопје, повеќе речиси и не постојат, го снема и АК Маџари. Добро е што е изградена супер модерна патека во Охрид, мислам дека со неа ќе живне атлетиката, но ќе треба средства барем еднаш месечно да заминеме на тренинг во Охрид“, се жали Вучков.

На услови се жалеше и тренерот на „3 Ноември“ од Прилеп, Георги Гешоски.

„Морам да кажам дека македонската атлетика многу доби со новата патека во Охрид. Таа ќе биде обврска за сите нас, на кои атлетиката им е во срцето, да направиме се' конечно да застане на цврсти нозе. Меѓутоа, потребна е и поголема грижа на Агенцијата за млади и спорт и државата за неа. Рекордери не се прават преку ноќ, потребни се услови, средства, трпение. И пред се' стручен кадар. Во Прилеп има многу дипломирани професори од Факултетот за физичка култура, но никој не сака да работи со атлетичарите. Зошто, нема кој да го плати нивниот труд. А, без пари не сакаат да работат. Јас останав сам да се грижам за атлетичарите, подобро за атлетичарките бидејќи тие некако се повеќе заинтересирани за овој спорт. Но, ако ви кажам како тренираат, сигурно ќе кажете: па зарем е тоа можно. Тренираме во Паркот на револуцијата каде е изградена една импровизирана трим-патека. Се облекуваме во околните грмушки, и лете и зиме, за моите атлетичарки туш или купатила се мислена именка. И пак тренираат бидејќи го сакаат овој спорт. Во зимски услови користиме еден долг ходник во едно прилепско училиште. Јас имам само натпреварувачи на куси и средни патеки, за другите дисциплини нема услови“, резигнирано зборува Гешоски.

Тој вели дека еднаш неделно, во саботите, со едно комбе, ќе патуваат во Охрид да тренираат, да ја почувствуваат патеката, бидејќи веќе и заборавиле како изгледа една нормална патека. „Верувам дека преку лето ќе се организираат кампови за подолг престој и нормално тренирање на најдобрите македонски атлетичари. Сигурно дека на неа почесто ќе се организираат меѓународни митинзи, републички првенства и во екипна, не само во поединечна конкуренција што сигурно ќе придонесе за постигнување на добри резултати“, вели Гешоски.

„Од АМСМ годишно добиваме по 5.000 евра за сите активности. Недоволно, особено сега кога треба почесто да патуваме за Охрид бидејќи единствено таму ќе можат да се одржуваат нормално републички првенства во сите категории“.

Тоа беше сегашната вистина на македонската атлетика. Но, да се обидеме да дознаеме каква е нејзината иднина, особено сега со изградбата на осумте патеки на стадионот „Билјанини извори“. Го слушнеме и мислењето на селекторот на репрезентацијата Влатко Димитров, инаку тренер на клубот Охрид.

„Охрид како град, општината па и цела Македонија има многу добиено со овој модерен атлетски објект. Тоа ќе биде причина за организирање на повеќе меѓународни митинзи, балкански шампионати, европски клупски натпреварувања. Ќе направиме се' да живне атлетиката во Македонија, сигурно тоа не може да се направи преку ноќ, ќе треба време, особено кога ќе бидат изградени осумте патеки на арената ’Филип Втори‘ и кога ќе се реновира патеката во Велес.

Свесни сме дека ќе бидат потребни повеќе пари за да можат атлетичарите од другите клубови од Македонија, барем еднаш неделно, можеби и почесто од поблиските градови, да доаѓаат на тренинг во Охрид. Веќе е во план организирање на тренинг кампови за нашите најдобри атлетичари, од неколкуте градови од Србија и од Албанија ни се јавија нивните клубови кои сакаат д�� тренираат на стадионот ’Билјанини извори‘. Тоа ќе биде можност и за почести меѓународни митинзи“, нагласува Димитров.

Веќе в сабота во Охрид ќе се одржи првото годинашно првенство на Македонија, ќе биде „севтосана“, што се вели, новата патека. Во моментов, во Македонија има околу 150 атлетичари кои постигнуваат извесни резултати. Тоа е навистина малку. Недостасува и стручен кадар. Нема заинтересирани тренери кои би работеле со атлетичарите. Ги има десетина, не повеќе. Тоа е премногу малку за да може нешто во поскоро време да се подобри.

Претседателот на АФМ, Цветко Грозданов ветува подобрување на материјалните услови за сите клубови. Во Македонија има таленти, тоа е неспорно, но со нив треба да се работи и да им се обезбедат услови. Но, со само осум аптеки, со еден целосен атлетски објект, тешко тоа ќе може брзо да се оствари. Ќе треба трпение, ќе треба време, но и поддршка на сите фактори. Да не заборавиме, атлетиката е, сепак, „кралицата на спортовите“.


#
Статијата е прочитана 910 пати.

Испрати коментар

Од: zapev
Датум: 23.04.2010 00:26:29
se sokirav citajci ova kako makednija da e vo sreden vek zamislete pateki samo vo ohrid,skopje?pa na zapad pateki vakvi imat i pomali mesta so 5ilj ziteli a zamislete bitola 100ilj nema staza sokantno nema soblekuvalna tus?a ima 100mil evra za spomenici,crkvi?koga patuvate so aviona po evropa moze da videte odozgora mnoztvo stazi n.p. vo milionski gradovi ima i po 20....sramota za makedonija od dr str se prasuvam ok skopje,ohrid stazi a sto so drugite vo koj vek ziveat tie vo kumanovo,stip,tetovo,prilep.....
Од: stoe,hanover
Датум: 23.04.2010 13:13:15
vo kombinja od prilep i bitola za ofrid na trening ednas nedelno?pa tia gradovi kako da se sela,makedoncinja pod hitno vo eu vakvo nesto nikade nema vo eu vo e dlaboka siromastija soblekuvalna vo grmuski vo parkovi???

Најди! во Утрински
Спорт
Објавени фотографиите на малолетната проститутка на Рибери
Робенбаерновата влезница за финалето
Топалов со бели фигури на стартот против Ананд
Скопскиот маратон на 9 мај
Кина тагува по Самаранч
Мозли
Сан Антонио израмни во пресметката за Тексас
Фени И. во финалето против Вардар О.
Одбиена понудата на Саудиска Арабија за пријателски меч