Мозли: Ди Монтеѕемоло е слабак
Експретседателот на ФИА изјави дека првиот човек на Ферари е со слаб карактер и е лесно поводлив
Поранешниот претседател на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА), Макс Мозли, се заканува да ги отвори старите рани со тврдењето дека првиот човек на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло, е „многу слаб карактер“. Студениот однос меѓу Мозли и Ди Монтеѕемоло се влоши минатата година кога Ферари се закани дека ќе се повлече од спортот по одлуката на ФИА да воведе буџетско ограничување. Организацијата што го води мотоспортот подоцна ја измени својата одлука по долги разговори со Ферари и со другите членки на Асоцијацијата на тимовите во Формула 1 (ФОТА), но тоа не го спречи Ди Монтеѕемоло тогашниот претседател на ФИА во заминување да го нарекува „диктатор“.
Изгледа дека Мозли начека момент да му врати, искористувајќи ја рубриката „Вие поставувате прашање“ во мајското издание на „Ф1 рејсинг“.
„Лука е многу, многу добар со луѓето и тој секако е многу пријатна личност, но, според мое мислење, тој исто така е и многу слаб карактер, па е лесно поводлив“, вели Мозли.
Поранешниот претседател на ФИА исто така смета дека Ферари не би бил толку конкурентен со некои од другите тимови ако беа принудени да располагаат со ист буџет.
„Меѓу јануари и мај 2008 имавме серија средби и сите беа согласни со ограничувањето на трошоците и со методологијата, но Ферари секогаш беше против тоа“, објаснува тој. „Мислам дека причината е во тоа што знаеја дека во случај да имаат исто количество пари за трошење како и другите тимови, не би успеале“.
ФЕРАРИ НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД РОСИ
Ферари одбива да се откаже од своите планови да има трет болид на патеката, како и од тоа Валентино Роси да вози за нив. Италијанскиот тим се залагаше за трет болид уште во оваа сезона и негуваше големи надежи дека ќе го вози „омилениот син“ Михаел Шумахер. Од сето тоа не излезе ништо бидејќи ФИА одби да дозволи три болида по екипа.
Претседателот на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло, сепак, одбива да се откаже од овој сон и очајно посакува да му додели возачко место на шесткратниот светски шампион во Мото ГП, Роси.
„Ние сакаме трет болид и јас би сторил се' да го имаме Валентино“, вели тој. „Кога ќе ја освои титулата во Мото ГП и годинава, ќе биде доста. Тој мора да победи и во Формула 1“.
ШУМИ МОЖЕЛ ДА СЛАВИ ВО МЕЛБУРН
Шефот на „Мерцедес“, Норберт Хауг, е последниот што скокна во одбрана на Михаел Шумахер, изјавувајќи дека Германецот можел да ја освои Големата награда на Австралија. По четири трки во неговата сезона на враќање во Формула 1 се рашири дилемата дали Шумахер згреши што се врати, бидејќи се мачи да направи нешто повеќе на патеката.
Но, не го отпишуваат сите седумкратниот светски шампион, а првиот човек на Ф1, Берни Еклстоун, дури и ги предупреди луѓето да „не го потценуваат Михаел“. Хауг, пак, верува дека Шуми имал можност да победи во втората трка од сезоната во Мелбурн.
„Тој беше четврти, во тој момент пред победникот, потоа падна назад, за на крајот, сепак, да стигне до десеттото место во Кина“, објаснува Хауг. „Велите дека се мачи, но вистината е дека тој можеше да победи во втората трка од сезоната. Треба да сме фер во однос на враќањето на Михаел во Формула 1, бидејќи болидот не е таков каков што треба да биде“.
Маките на Шумахер ја фрлија во сенка брилијантната форма на неговиот тимски колега Нико Розберг во досегашниот тек на сезоната. Според бројот на подиуми, 24-годишникот е втор кај возачите. Хауг, меѓутоа, смета дека резултатите на Розберг не се должат само на болидот.
„Не е фер да се каже дека Нико е најбрз само поради болидот. Можеби Нико е најбрзото момче во светот“, вели тој. |