Топалов со бели фигури на стартот против Ананд
Мечот за титулата светски шампион во шах, која ја брани Индиецот, ќе почне утре во Софија
Роберт Димитриевски
Предизвикувачот и ексшампион Веселин Топалов ќе ги има белите фигури во првата партија од мечот за титулата светски шампион во шах против Вишванатан Ананд во Софија. Место денеска, стартот на мечот е поместен за утре поради проблемите на Индиецот да стигне навреме од Франкфурт, каде што го затекна забраната за летови предизвикана од ерупцијата на вулканот на Исланд. Ананд бараше одложување од три дена, но ФИДЕ му одобри само еден, па тој во вторникот конечно се појави во бугарската престолнина.
„Многу сум среќен што сум тука. Патувањето беше подолго отколку што очекувавме. Главната причина што дојдов овде е да играм шах. Сакам да и' се заблагодарам на ФИДЕ за разбирањето и се надевам дека шаховските фанови ќе видат добар меч“, изјави бранителот на титулата на официјалната прес-конференција.
„Ова е историски настан за Бугарија. Ние сме мала држава и не можеме да организираме Олимпијада, па овој меч е многу ефектен начин за промоција на земјата“, рече Топалов. „Во последните пет години Ананд и јас доминиравме во шаховскиот свет, па овој меч требаше да се случи одамна“.
Според програмата, мечот ќе се игра во Централниот воен клуб од 24 април до 13 мај, вклучувајќи го и евентуалното доигрување. Предвидени се 12 партии, а мечот може да заврши и порано ако еден од двајцата ривали прв стигне до 6,5 поени. Во случај на нерешен резултат, на 13 мај ќе се одиграат четири партии по забрзано темпо од по 25 минути секому плус по десет секунди за секој одигран потег.
Топалов има минимална предност во досегашните меѓусебни дуели, во кои води со 22,5-21,5. Бугаринот има забележано 11 победи, Индиецот десет, а 23 партии завршија нерешено.
Наградниот фонд е два милиона евра, од кои победникот ќе добие 1,2 милиона, а поразениот 800.000. |