Одбиена понудата на Саудиска Арабија за пријателски меч
Сашко Ѓ. Димовски
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја одби понудата на Саудиска Арабија за пријателски натпревар со нашата репрезентација во Австрија. Саудијците предложија мечот да се одигра на 19 мај, термин што не беше прифатлив за нас од причина што најголем дел од репрезентативците имаат клупски обврски и не се во можност да отсуствуваат од своите средини 15 дена.
Македонија веќе закажа два теста со Азербејџан на 29 мај и Романија на 2 јуни, па затоа и неможноста да се престојува толку долго во едно место и непотребно да се прават хотелски трошоци за сместување. Неприфатлива беше и втората опција, да се одигра средбата со Саудиска Арабија, фудбалерите да се вратат во своите клубови, па повторно да се собираат за Азербејџанците и Романците.
Што се однесува до претстојните контролни дуели со селекциите на Азербејџан и Романија дојде до промена на местата на нивно одигрување. Наместо во Кернтен како што беше првично најавено дуелот со Азербејџанците ќе се одигра во Бишофсховен, познатото австриско зимско туристичко место, една од станиците во Новогодишната турнеја „Четири скокалници“, со почеток во 18.30 часот. Натпреварот, пак со Романија, наместо во Вилах, ќе се одигра во Кернтен на 2 јуни во 19 часот.
Покрај овие два дуела, до почетокот на квалификациите за Европското првенство во Полска и Украина во 2012 година, македонската фудбалска репрезентација ќе гостува и во Ла Валета на селекцијата на Малта на 11 август. Циклусот за ЕП 2012 ќе го започнеме на 3 септември на гости кај Словачка. Четири дена подоцна, на националната арена „Филип Втори“ во Скопје, ќе ја пречекаме репрезентацијата на Ерменија, во третото коло, на 8 октомври, ќе гостуваме кај аутсајдерот, Андора. Квалификациските обврски за 2010 година ќе ги завршиме на домашен терен против Русија, на 12 октомври. |