Квиз
Швајцарија - најефикасно првенство на сите времиња
На 26 меча беа постигнати 140 гола, во просек 5,38 по натпревар
Четири години по СП во Бразил, на познатата и тогаш разбеснета Маракана, првенството се пресели во Европа, во многу помирната Швајцарија. Сепак, случувањата на теренот донесоа забава, но и средби од кои застануваше здивот. Бразилците иако се' уште во шок што го загубија финалето на Маракана, повторно беа меѓу фаворитите, но традицијата покажуваше дека кога првенството се игра на европско тло, трофејот останува на “стариот континент”.
На овој Мундијал се одбележа и 50 годишнината од формирањето на ФИФА. Светската фудбалска куќа која се формираше во 1904 година, во Швајцарија во 1954 година прослави половина век постоење. Швајцарците поминаа осум години во изградба на нови стадиони кои ќе бидат домаќини на Мундијалот.
Првпат во квалификациите за едно СП учествуваа 38 нации (најмногу), вклучувајќи и неколку селекции од Азија (Јапонија, Кореја, Кина) и Африка (Египет). Во финалниот дел учествуваа 16 репрезентации, три повеќе отколку во Бразил 1950. Таа бројка остана непроменета до СП во Шпанија во 1982 година, кога се зголеми на 24.
Петти шампионат, ќе остане запаметен по сензационално високиот просек на постигнати голови. Квалитетот на фудбалот на СП во Швајцарија беше на високо ниво. Во 26 мечеви беа постигнати 140 голови, или 5,38 по меч. Овој просек на постигнати голови останува ненадминат рекорд на завршниците на СП.
Со зголемениот број на учесници, беше полесно да се организираа првенството. Вкупно 16 екипи беа поделени во 4 групи со по 4 репрезентации. Според системот најдобрите две од групата обезбедуваат место во нокаут-фазата, во четврт-финалето. Од овие 16 селекции, дури 12 екипи беа од Европа, а честа на остатокот од светот, стандардно ја бранеше Бразил, заедно со тогашниот првак Уругвај, Мексико и Јужна Кореја.
Статистика
Учесници (16): Австрија, Мексико, Франција, Италија, Чехословачка, Турција, Белгија, Шкотска, Германија, Кореја, Англија, Уругвај, Бразил, Швајцарија, Унгарија, ФНР Југославија.
Најдобар стрелец на првенството: Шандор Кочиш (Унгарија) со 11 голови.
Вкупно гледачи: 943.000 на 26 натпревари.
Градови: Базел, Берн, Женева, Лозана, Лагуно, Цирих.
Во квалификациите учествуваа 38 репрезентации од целиот свет. |