На „Македонски бисер“ ќе настапат борачи од 10 држави
Најголемата спортска приредба во борење во Македонија ќе се одржи на 5 јуни во Штип
Миодраг Мицковиќ
Се вршат последни подготовки околу одржувањето на 34. по ред традиционален турнир „Македонски бисер“ во борење што ќе се одржи на 5 јуни во новата сала во Штип која на тој ден ќе ја има и својата промоција. Организаторите на „Македонскиот бисер“ веќе испратија покани за учество на боречките федерации на Бугарија, Албанија, Русија, Канада, Унгарија, Романија, Швајцарија, Германија и Израел, додека завчера од Федерацијата на Англија пристигна веќе потврда дека нејзините борачи ќе настапат на турнирот во Штип.
Да потсетиме дека минатата година на „Бисерот“ настапија борачи од осум држави, а пехарот како најдобар борач го освои Дејан Богданов.
На „Бисерот“ ќе настапат и А и Б селекција на Македонија предводена од селекторот Страшо Глигоров. На 29 мај во Скопје во новата сала во Ѓорче Петров ќе се одржи сениорското првенство на Македонија во борење по кое селекторот Глигоров ќе ги одреди нашите кандидати кои ќе настапат за двете репрезентации на Македонија. Сигурно е дека во Штип ќе ги видиме Дејан Богданов, Дејан Митров и Љуљзим Вранези кои настапија на Европското првенство во Азербејџан, потоа Виктор Богданов, Жарко Коцев, Бобан Данов, а најверојатно во една од селекциите ќе се најдат и Влатко Јованов, Шпетин Садику, Давор Тасов, Горан Саматовски, Горан Атанасов, Томислав Ананиев, Александар Георгиев и Шукри Исмаилов. Меѓутоа, сите тие ќе треба својата форма да ја потврдат и на претстојното државно првенство во Скопје. |