Оставка на Зоран Алексов од УО на ФФМ
Чинот на штипскиот градоначалник е во знак на револт од случувањето во мак-фудбалот
Иван Бојаџиски
Штип - Зоран Алексов, градоначалник на Штип, по шестмесечно членство во УО на ФФМ завчера си поднесе оставка на оваа функција. Во изјавата за нашиот весник Алексов вели дека го направил тој чин како своја морална обврска со своето учество во органите на фудбалската федерација да не им дава легитимитет на девијантните појави, кои, според него, ги има секоја недела и кои го уништуваат фудбалот кај нас..
-Иако бев обвинуван за тоа дека во ФФМ сум влегол поради политички влијанија јас таму се најдов, по барање на фудбалските работни од Штип кои ме задолжија и од таа моја позиција да работам за доброто и напредокот на македонскиот фудбал. Но, уште од почетокот сфатив дека членовите во Управниот одбор на фудбалската организација ја играат само епизодната улога на статисти кои само ги аминуваат одлуките на Комитетот за итност на чие чело е претседателот Харалампие Хаџи Ристески, без притоа да водат сметка за суштинските вредности и значењето на тие одлуки. Практично, во овие шест месеци освен промоција на книгата „Стоп за насилството на спортските терени“ од куќата на фудбалот не беше покрената ниту една сериозна иницијатива за напредок на најпопуларниот спорт во светот и кај нас. Иронијата да биде поголема по промоцијата на оваа книга насилствата и неправдите на нашите фудбалски стадиони само зачестија при што најмногу настрада токму штипскиот второлигаш „Брегалница“, вели Алексков.
За штипскиот градоначалник деградирачки за фудбалската игра е фактот што во државава сеуште постојат „жешки“ терени на кои не важат никакви правила освен правилото на насилниците.-Најочигледен пример за таков терен е оној на ФК Скопје, односно теренот во Железара. Бев сведок кога на средба со овој клуб допатува „Брегалница“, а домаќините не ги пуштаа навивачите од Штип да влезат на стадионот за што им бараа да платата влезница од по 500 денари, иако за сите други влезницата чинеше петпати помалку. На самиот терен беше жестоко малтретирана целата експедиција на штипскиот второлигаш, од играчите на теренот па се до раководството на клубот а човек кој немаше врска со организацијата цело време го влечеше за ракав помошниот судија. За тој скандал скопската екипа беше казнета со само 250 евра, што е сума која само дополнително го стимулира насилното однесување на нашите терени“, појаснува Зоран Алексков.
На овој и некои други скандалозни состојби во мак фудбалот Алексов укажувал на седниците на УО но таму никој не бил, спремен да ги расчистува работите. Конечната одлука да си замине од УО на ФФМ ја допнел по средбата помеѓу Брегалница и Напредок одиграна минатата сабота во Штип. |